Македонската филхармонија е најдостоен репрезент на македонската музичка уметност и во изминатите седум децении даде исклучителен придонес во афирмацијата на македонскиот креативен потенцијал, како и на современото македонско музичко творештво на меѓународен план.
Македонската филхармонија е најдостоен репрезент на македонската музичка уметност и во изминатите седум децении даде исклучителен придонес во афирмацијата на македонскиот креативен потенцијал, како и на современото македонско музичко творештво на меѓународен план.
Ова синоќа го истакна министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на промоцијата на ново ЦД по повод 70 годишниот јубилеј на Македонската филхармонија.
– Седумдесет години континуиран растеж, изведба на повеќе од 400 симфониски дела од домашни, но и странски композитори, соработка со најзначајните имиња на денешницата, впечатливи настапи низ целиот свет – тоа се референците со кои се гордееме сите ние, се гордее македонската држава, рече Канческа-Милевска, додавајќи дека сите успеси на Македонската филхармонија се резултат на залагањата на стотиците врвни уметници.
– Убедена сум дека новата сала за Македонската филхармонија, вашиот нов дом кој со години го посакувавте, наскоро ќе биде уште еден поттик повеќе, да ја продолжите својата мисија, да ја промовирате македонската култура и уметност и да освоите уште многу нови музички предизвици, нагласи Канческа – Милевска.
За новото аудио издание што вечерва се промовира, министерката Канческа-Милевска рече дека е можеби најубавата најава за новата концертна сезона на овој национален оркестар.
– Оваа јубилејна година но, и сите други понатаму, во новата сала на Македонската филхармонија, нека бидат повод да се гордееме со успесите на Македонската филхармонија, да се гордееме со нашите вистински вредности, подвлече министерката Канческа-Милевска.
Музикологот Елени Новаковска, која го промовираше ЦД изданието, нагласи дека овој носач на звук ги претставува вистинските карактеристики на ансамблот и нивната инспирација од музичките дела.
– Овој реален приказ на капацитетите на уметниците е драгоцен, затоа што е забележан мигот на творечката енергија и растежот на оркестарот, а притоа врз овие звучни записи не се извршени никакви интервенции, посочи Новаковска.
Македонската филхармонија во рамки на одбележувањето на 70-годишниот јубилеј вечерва промовираше аудио издание на кое е поместен избор од концертните настапи од 2008 до 2012 година од фестивалите Новосадски музички свечености во Србија, јубилејното издание на фестивалот „Денови на македонската музика“, фестивалот „Охридско лето“ и редовните концерти во Скопје.