На 9 мај во МКЦ во 21:00 часот ќе гостува врвениот џез-состав од САД „UCLA Charles Mingus Ensemble“.
„UCLA Charles Mingus Ensemble“ ќе одржи концерт кој ќе биде дел од неговата Јужноисточна европска турнеја. Под диригентство на реномираниот композитор, диригент и флејтист Џејмс Њутон, ансамблот ќе настапи на 9 мај во Скопје, во Киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.
Овој концерт на Ансамблот „Чарлс Мингус“ ќе претставува ретка можност за македонските љубители на џезот и воопшто на музиката, бидејќи станува збор за музичари кои се сметаат за едни од најталентираните млади џезери на американската сцена. Тие работат со влијателниот Џејмс Њутн, кој е и нивна инспирација во творештвото, и ќе покажат како звучи новата генерација џез-музичари. Инаку, Њутн во Македонија за првпат гостуваше во 1990 година, кога настапи со неговиот квинтет на Скопскиот џез-фестивал.
Организатор на овие настани е американскиот џез-музичар, саксофонистот Дејв Вилсон, кој веќе десетина години престојува во Македонија и придонесува за развој на џез-сцената овде. Тој вели дека младите музичари од „Чарлс Мингус“ ќе покажат дека џезерската традиција е се уште жива, но дека има и светла иднина.