Во организација на Сојузот на Македонците од Егејот “Македон” и Светскиот македонски конгрес на 15 март на влезот на Катлановска Бања ќе биде отворен споменик на ранетите и починатите Македонци и Грци борци на Демократската армија на Грција (ДАГ) кои учествувале во Граѓанската војна во Грција во периодот 1946-1949 година, а биле лекувани во болницата во Катлановска Бања 1947-1948 година.
Претседателот на СМК Тодор Петров информира дека за време на Граѓанската војна во Грција, во Македонија бил организиран прифат на болните и ранетите борци на ДАГ – Македонци и Грци на три последователни локации – Пониква, Катлановска Бања и во болницата во Јасеново во 1947 и 1948 година. Притоа низ овие болници биле лекувани 6.316 ранети, врз 2.500 биле извршени хируршки интервенции, 200 починале за време на операциите, 146 борци починале за време на транспорт, 46 биле донесени мртви.
– Оваа строго чувана воена тајна по 67 години првпат се одбележува со споменик. Споменикот ќе остане траен паметник за местото каде се лекувани ранетите и починатите Македонци и Грци борци на ДАГ во Граѓанската војна во Грција и ќе претставува сведоштво за помошта која Македонија им ја даваше на антифашистите и борците за слобода, правда и демократија во јужниот сосед Хеленската Република, рече Петров.
Тој информира дека покренале постапка пред надлежните за ексхумација на локација во Јасеново која е позната, но е досега негибната со цел достојно и христијански да бидат закопани во заедничка спомен-костурница. Досега, вели, немаат добиено одговор од властите.
Инаку, не постои архива за имињата на лицата кои биле лекувани или починале во Македонија, а кои биле учесници во Граѓанската војна на страната на ДАГ. Според Петров, бидејќи станувало збор за тајна операција, воопшто не постои архива за неа. Со цел да се дојде до некакви архивски материјали се обратиле и до Архивот во Белград, но досега немаат добиено одговор. Бројката на која се повикуваат од Македон и СМК се податоци од Раде Гогов, кој бил организатор на овој прифат на болни и ранети Македонци и Грци учесници во Граѓанската војна.
Ташко Јованов, претседателот на Македон, потенцира дека Македонците заедно со Грците во Втората светска војна и во Граѓанската војна во Грција се бореа против фашизмот и ја ослободија Грција од фашистичката окупација. На тој начин се вградија во државноста на Хеленската Република и поради тоа бараат права и слободи како еднакви меѓу еднаквите.
– Овој споменик е траен помен за заедничката борба на Македонците и Грците против фашизмот во Европа. Длабоко веруваме дека еден ден сите Македонци во Грција и прогонетите Македонци од Грција ќе ги добијат своите права и слободи, рече Јованов.
Инаку, на церемонијата на откривање на споменикот, покрај здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Република Македонија и од Република Грција, поканети се и претседателите, премиерите и парламентарните спикери на Македонија и Грција.
Петров посочи дека има најава за присуство на претставници од македонската Влада, а покана за присуство доставиле и до Грчката канцеларија за врски во Скопје.
Натписот на споменикот е на македонски, англиски и грчки јазик. Изработен е во форма на мермерна плоча на која има релјеф чиј автор е уметницата Валентина Стефановска. Средствата за подигнување на споменикот се обезбедени од приватни донации.
На настанот, кој ќе се случи во сабота (15 март) во 11 часот, ќе се одржи панихида по што се предвидени пригодни обраќања и културно-уметничка програма.