Во организација на Министерството за култура и Амбасадата на Република Македонија во Естонија од 3 до 6 ноември 2011 година во Талин, Естонија, се одржува манифестацијата „Денови на македонската култура“.
Во рамките на манифестацијата министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска утре (5.11.2011) во Талин, во концертната сала „Нокиа“, ќе се обрати пред почетокот на концертот на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, а ќе присуствува и на изложбата „Ин ситу“, која во организација на Музејот на современата уметност ќе прикаже дела од современото македонско сликарство.
За време на престојот во Талин – европската престолнина на културата за 2011 година, министерката Канческа-Милевска денеска (4.11.2011 г.) ќе оствари и билатерална средба со естонскиот министер за култура Реин Ланг.
На средбата двајцата министри ќе разговараат за понатамошната соработка во областа на културата меѓу Република Македонија и Естонија. Во текот на утрешниот ден, таа ќе посети и повеќе институции во Талин, како: Музејот на уметноста, Националната библиотека, Куклениот младински театар и музеј и Естонскиот историски музеј, а ќе има повеќе средби со директорите на овие институции.
Манифестацијата „Денови на македонската култура“, која за првпат се одржува во оваа балтичка земја, вчера во Националната библиотека на Естонија беше отворена со изложбата „Македонски народни носии и везови“ на Музејот на Македонија, а во сабота ќе биде заокружена со настапот на светски познатиот македонски диџеј Кирил Џајковски.
Презентацијата на македонската кулутура во Талин претставува извонредна можност за презентација на еден мал, но значаен сегмент од македонските културни вредности како нераскинлив дел од европскиот културен мозаик.