Македонија претставена во чешко туристичко списание

Реномираното чешко списание за туризам и патување „Травел дигест“ во најновиот број ја претставува Македонија и нејзините туристички потенцијали.

makedonski_vez(copy)

Како што јави дописникот на МИА од Прага, на пет страници под наслов „Македонија – дива убавина која чека да ја откриете“ се претставени природните убавини и културно-историското наследство на нашата земја.

– Од малата, планинска земја се дојдени Александар Велики, просветителите Кирил и Методиј, а речиси 1.000 години подоцна и Мајка Тереза. Откријте ја богатата историја, нескротливата природа и словенската гостопримливост на оваа земја порано од останатите, се вели во уводникот на обемната репортажа која ги претставува карактеристичните туристички дестинации како Охрид и Охридското езеро, Маврово и Скопје.

Се препорачуваат факултативни излети за разгледување на мегалитската опсерваторија Кокино и античкиот град Стоби, како и посета на манифестацијата „Крушево Етноград“ кога „оживуваат“ ликовите и настаните од Илинденското востание и Крушевската Република.

Можностите и потенцијалите на планинскиот и еколошкиот туризам во Република Македонија, за кој Чесите се многу заинтересирани во туристичкиот магазин се претставени преку селата Галичник, Лазарополе и Гари во чија близина е и манастирот Св. Јован Бигорски на планината Бистра.

Репортажата изобилува со фотографии од специјалитети од националната кујна и локалната гастрономија.

You May Also Like