Објавени првите книги од избраните дела на Митко Маџунков

Во издание на издавачкиот центар ТРИ, деновиве од печат излегоа првите два тома од Избрани дела од академик Митко Маџунков, романите „Кула на Ридот“ и „Времето на ирвасите“.

kula_na_ridot_madzunkov

 

Митко Маџунков е еден од најплодните, најнаградуваните и најафирмираните македонски автори кој веќе 50 години е активен на книжевната сцена со својот пишан збор. Со објавувањето на овие Избрани дела се заокружува неговото богато книжевно творештво во една целина која ќе содржи десет томови што ќе го опфатат поголемиот дел од неговите романи, раскази, драми, кратки прози и есеи.

Објавувањето на ова капитално дело има големо значење не само за македонската литература и книжевна сцена туку и за културата воопшто, бидејќи претставува значаен чекор во (ре)афирмацијата, популаризацијата и зачувувањето на врвните дела од македонски автори. Маџунков е светски афирмиран автор и добитник на многу награди и признанија, како „Роман на годината“ на Утрински весник (Птиците од ланските гнезда) „Книга на годината“ на Македонската книжевна фондација (Кон другата земја), „Роман на годината“ на Детска радост (Домот на Александар), „Исидора Секулиќ“ (Убиј го зборливото куче) и многу други (за драми, за одделни раскази, односно циклуси). Неговите раскази се застапени во многу антологии, во Македонија и во светот.

Кула на Ридот (1980 г., Белград) и Времето на ирвасите (2003 г.) се првите две објавени книги од Избраните дела. Тие се романи со силен авторски печат кои се одликуваат со врвно мајсторство на зборот и изразот, суверено владеење со јазикот и нарацијата, префинета стилистика и брилијантна синтакса. Дела со кои, како што ќе напише Венко Андоновски, се поставуваат стандардите на македонската проза.

Избраните дела жанровски се поделени во пет групи – романи, раскази, кратки прози, драми и есеи – и ќе бидат објавени одделно или во збирни томови. До крајот на 2014 година ќе бидат објавени и романите Кон другата земја и Домот на Александар, како и расказите од Чудна средба, Убиј го зборливото куче и Над троскотот облаци.

Важна карактеристика на ова издание е што делата се објавуваат во нивниот конечен и релевантен облик, прегледани и редигирани од самиот автор.

Настојувајќи да го приближиме нашето литературно богатство до пошироката македонската публика, веруваме дека овие Избрани дела ќе бидат препознаени како ремек-дела на пишаниот збор што ќе влезат во аналите како едни од најкарактеристичните претставници на македонската книжевност.

You May Also Like