Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (петок, 21.12.2012 година), во рамките на еднодневната службена посета на Република Турција, на универзитетот „Малтепе“ во Истанбул, оствари билатерална средба со министерот за култура и туризам на Република Турција, Ертугрул Гунај.
Двајцата министри за култура ги потврдија добрите културни врски што постојат меѓу двете земји, како и постојаните заложби на двете страни за нивно унапредување. Беше истакната и одличната соработка во издавачката дејност, со посебен акцент на проектите за превод на турски автори на македонски јазик што ги реализира Министерството за култура на Македонија.
Беа потпишани и два исклучително важни документи – Програмата за културна соработка за периодот 2013-2015 година, со која се предвидени нови проекти кои ќе ја интензивираат соработката и ќе придонесат за поголема комуникација меѓу институциите и соодветните здруженија, и Договорот меѓу Владите на Турција и Македонија за основање и за активностите на културнитe центри во двете земји. Министрите за култура истакнаа дека од огромно значење е што на Република Македонија ѝ се дава простор во срцето на Истанбул, на плоштадот „Таксим“, објект кој е заштитен споменик на културата, а Турскиот културен центар ќе функционира во „Куршумли ан“, исто така споменик на културата од исклучително значење.
Канческа-Милевска упати благодарност до својот турски колега за поддршката што Министерството за култура на Турција ја дава за изработката на копија од саркофагот со претстава на Александар Македонски, кој е изложен во Археолошкиот музеј во Истанбул. Исто така, турскиот министер за култура ја даде својата поддршка околу претставувањето на македонската култура следната година во градот Ескишехир, кој е прогласен за престолнина на културата на туркменските земји.
Министерот за култура Ертугрул Гунај посочи дека на 23 април следната година, на денот кога е формирано големото национално собрание на Турција, ќе ја посети Република Македонија. Тогаш се очекува да биде промовирана и Спомен-куќата на родителите на Кемал Ататурк во село Коџаџик (општина Центар Жупа), а ќе бидат поставени и темелите на Турскиот театар кој се гради во Скопје.
Министерката за култура, во рамките на службената посета на Турција, денеска, заедно со министрите за култура од регионот, присуствуваше и се обрати на отворањето на првото издание на книжевниот фестивал, кој под покровителство на УНЕСКО се одржува на Денот на светски познатите ликови од романите (21 декември).
– Романите секогаш можат да бидат прочитани на поинаков начин, да креираат нови лични истории, да создаваат нови светови. Со големиот багаж на оралната традиција и локалните митови, Балканот поседува автентичен книжевен израз кој е одговор на светските и на европските современи текови и тој храбро влегува во дијалог со нив. Романот беше начин безболно да се раскаже и болката на овие простори, да се изградат нови микросветови на ликовите во кои живеат – истакна Канческа-Милевска.
Таа пред министрите за култура потенцираше дека Република Македонија е посветена на силното поддржување на уметничката литература, на домашното творештво и на преводите.
– Министерството за култура на Република Македонија со големо внимание ги поддржува приватните издавачки куќи кои објавуваат голем број дела од домашни и од странски автори, а се поддржуваат и изданијата на јазиците на другите етнички заедници – рече министерката.