На двочасовната дебата на настанот „Аргумент – Организирано изразување“ во организација на Младински образовен форум, која се одржа вo завчера (четврток, 20 декември) во кино Фросина – Младински културен центар, македонската јавност ги судри ставовите за вредноста и улогата на религијата во политиката, нејзиното влијание врз индивидуата и врз современото општество.
Поделени во афирмативен и негациски тим според ставовите кои јавно ги застапуваат Ферид Мухиќ, Владо Јовановски и отец Игор Калпаковски од едната и Љубомир Фрчкоски, Билјана Ванковска и Сашо Мацановски – Трендо, од спротивната страна, дебатираа на тезата „Овој дом верува дека религијата (не) го унапредува општеството“. Дебатата понуди повеќе од 100 минути организирана дискусија во формат однапред подготвен кој овозможуваше еднакво учество на сите говорници во дискусијата и простор за судир на ставови.
Афирмативниот тим, посочуваше на позитивните вредности кои во својата основа секоја религија ги застапува, наспроти негацискиот тим од друга страна, кој се фокусираше на посочување на моќта која ја носи религијата, особено во нејзината институционализирана форма, како што според нивното верување сè почесто ја сретнуваме.
Еден од најчесто споменуваните аргументи на страната која ја поддржуваше тезата дека религијата води кон унапредување на општеството беше самата, неизвитоперена од различни индивидуи, основа на религијата. „Сите идеи за формирање на идеална држава, всушност се темелат на религиозен контекст. Невозможно би било да се обидеме да замислиме општество без религија. Имаме историски примери што се случува кога човекот е понесен од жестоки идеи дека е господар на сопствената судбина. Француската револуција, Болшевичката револуција, сите тие завршуваат бргу и крваво“, рече Ферид Мухиќ.
Од друга страна пак, Владо Јовановски, исто така член на афирмативниот тим, посочи што се случува во општества чии лидери се „обезбожени“, и како главен пример ги посочи лидерите на Втората светска војна, нејзиниот тек и последици. Тој посочи дека проблемот, особено во Македонија, не е со религијата, туку со нејзините „отпадници“ и судот кој го добиваат сите, изјавувајќи „Доколку греши Поп Никола, не греши Св. Никола“.
Додека афирмативниот тим говореше за улогата на религијата и вредностите кои таа ги застапува, со акцент на индивидуата, негативниот тим се фокусираше на укажување на општествената улога на религијата, моќта која ја имала религијата во минатото, начинот на кој таа функционира и кои треба да се границите на нејзиното делување во едно современо општество и секуларна држава.
„Исчекорувањето на институционалната религија е надвор во општеството и обидот да стане агрегатор на политичка моќ и нејзинотопретворање во политичка сила. Влијанието на религијата во транзициското општество е скромно или никакво во поглед на неговото унапредување“, изјави Љубомир Фрчкоски. Дополнително, тој исто така додаде дека принципот на религиите е ист, не дозволува плурализам, а преку тоа и не доведува до напредок во општеството, туку напротив, постои инхерентна врска помеѓу оваа институционализирана религија и насилството.
„Социјалниот импакт кој го има црквата зависи од поединечните верници“ изјави отец Калпаковски. Тој се спротивстави на изјавите поврзани со институционалниот облик на религијата од страна на негацискиот тим изјавувајќи дека освен како црква, во рамките на своето делување, таа не прави други појавувања во јавност.
Во однос на тоа кои се придобивките на религијата кон конкретен развој на едно општество, Владо Јовановски ги посочи дејците и творци на македонската писменост, Кирил и Методиј, Климент и Наум како основоположници на македонската писменост и многу други кои се доказ дека религијата има голем придонес за развојот на општеството.
На вчерашната дебата се зборуваше и за позицијата на атеистите и нивната перцепција од општеството. Професорката Билјана Ванковска, член на негацискиот тим, во своето обраќање изрази сомнеж дека македонското општество дозволува да не се верува, и притоа да не врши обезморалување врз овие групи. „Барам ова општество да ја признае мојата слобода да не верувам. Јас немам проблем со вашиот бог, јас не ги сакам неговите следбеници. Во име на тие религии се правени големи злосторства. Религијата е создадена од човекот, не е божја конструкција“.
Според Сашо Мацановски – Трендо, комбинацијата на религија и држава, секое нивно спојување, дава лоши резултати. Трендо посочи на апсурдите на постоење на еден бог и една релегија фокусирајќи се на индивидуалниот избор. Според него „дијазепам и религија имаат исто дејство. Ако врши работа, терајте луѓе“.
Дебатата беше проследена од 280 гледачи во салата, додека 1100 ја следеа преку преносот во живо на интернет. И во салата, но и на социјалните мрежи се разви дебата за религијата и нејзиното влијание во општеството, каде се цитираа најсилните изјави, се побиваа аргументи и се покренуваа нови прашања. Публиката на настанот покажа дека не само што е желна за дебата, но е и зрел учесник во дискусијата кој има многу прашања и ставови кои треба да бидат чуени.