Македонија на филмскиот маркет во Кан

Оваа година по четврти пат со свој штанд во склоп на павилионот на Југоисточна Европа, Македонија се претставува на Филмскиот маркет во склоп на 66. Кански филмски фестивал кој е во тек.

На маркетот се презентира Македонската кинематографија пред потенцијалните филмски фестивали и копродуценти, како и Македонија како дестинација за  снимање на филмови, но и  можностите кои ги нуди за копродуцирање со странски држави.

Во саботата (18-ти Мај) на маркетот беше прикажан филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, чија проекција беше организирана од страна на неговиот селс агент “The Little Film Company”.

Кратките филмови „Врати“ на италијанскиот режисер Michele De Angelis, независен филм снимен во Македонија на локација во Битола, „Шумарот“ во продукција на Веда филмс (малцинска копродукција со Норвешка) и документарниот „Трагачи по звукот“ на Сузана Диневски се дел од SHORT FILM CORNER.

Воедно на 18-ти мај започна и проектот Producers on the move 2013 во организација на European Film Promotion. Дваесет и девет европски продуценти, меѓу кои и Лабина Митевска од Македонија, ќе ги претстават своите тековни и идни проекти со што го прошируваат кругот на потенцијалните соработници и копродуценти.

Годинешното издание на Канскиот филмски фестивал се одржува во период од 15-26 мај.

You May Also Like