Во скопскиот Драмскиот театар почнаа пробите на новата претстава „Далај Мама“ по текст и режија на Љубиша Георгиевски, која се планира премиерно да биде изведена во април.
– „Далај Мама“ е пиеса за распаѓањето на семејството како резултат на општиот трулеж на вредностите, врз кои почива нашата цивилизација. Човештината е заборавена, љубовта е само фосил, омеѓан од највулгарниот секс, верата претворена во безверие, чесноста е глупост, а глупоста, гордост, логиката се изнасилува дневно, јазикот не служи повеќе за разбирање, па дури и неразбирање. Шумовите во комуникацијата меѓу луѓето се толку моќни, што комуникацијата и самата станува шум. Умот ги мами луѓето со таков интензитет, што тие не им веруваат повеќе ниту на своите очи, ниту на своите уши и верувајќи во самото Ништо, стануваат зомби, вели режисерот за новиот проект.
Како што соопштија од Драмски, во актерската екипа се: Благој Чоревски, Милица Стојанова, Ирена Ристиќ, Диме Илиев, Филип Трајковиќ, Трајанка Илиева, Игор Георгиев, Катерина Шехтанска Лаковска, Игор Ангелов, Валдета Исмаили, Ана Костовска, Александра Павлова…