Македонија на саем за туризам во Москва

Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Република Македонија го претстави својот туристички потенцијал на интернационалниот саемот за туризам во Москва, Русија.


Македонија и на дванаесетиот по ред саем за оваа година се претстави со модерни промотивни материјали, на нов изложбен простор кој оддалеку го привлекуваа вниманието на посетителот.

Амбасадорот на Република Македонија во Москва, г-дин Илија Исајловски истакна дека учеството на Македонија на меѓународниот Саем за туризам во Москва, кој е една од најголемите и најреномирани манифестации од овој вид во Источна Европа, несомено е од исклучително значење во насока на материјализација на напорите и заложбите за поширока промоција на македонските туристички потенцијали на рускиот пазар и претставување на можностите на Македонија пред руската туристичка јавност.

“На годинешниот саем претставници од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и на Асоцијацијата на хотелиери, ресторани и кафетерии ХОТАМ, кои со поддршка на Амбасадата остварија средби со Заменик-директорот на Федералната агенција за туризам на Русија, г-дин Дмитриј Амунц, со Директорот на Асоцијацијата на тур-оператори на Руската Федерација, г-ѓа Маја Ломидзе, како и со бројни претставници на руски тур-оператори при што беа разгледани можностите за воспоставување на конкретна соработка во организирањето на туристички аранжмани за руски туристи. Како еден од конкретните заклучоци од средбите на нашите и руските претставници (Федералната агенција за туризам и Асоцијацијата на туристичките оператори на Русија), од двете страни беше изразена готовност за скорешно организирање на т.н “тура за запознавање“ на група на заинтересирани руски тур-оператори во Македонија, што би претставувало добра можност за подетално и поблиско запознавање со конкретните можности, потенцијали и компаративни предности со кои располага Македонија, каде постојат конкретни можности за привлекување на интересот на руските туристи. Ова особено се однесува на делот на рекреативниот, духовниот, бањскиот, планинскиот и руралниот туризам.

Искрено се надевам дека во идниот период ќе продолжат засилените активности и меѓусебната блиска комуникација и координацијата меѓу надлежните инситуции во Македонија, Агенцијата за поддршка на туризмот, како и Амбасадата со руските партнери, во насока на напорите за поголема промоција на македонскиот туризам во Русија, а со цел постигнување на конкретни цели и резултати во смисла на привлекување на поголем број на руски туристи во Македонија, за што несомено постојат сите потребни предуслови“ – изјави амбасадорот на Република Македонија во Москва, Г-дин Илија Исајловски.

На штандот на Република Македонија свои пултови имаа  ТА Бадем турс и ТА Карачи турс  кои остварија соработка со тур- оператори од Русија. Се надеваат на успешна соработка и на успешна туристичка сезона. Единствено фокусираната промотивна стратегија на целните пазари, како сега Рускиот, ќе даде резултати во зголемување на бројот на странски туристи во земјава.

You May Also Like