Македонија е новиот претседавач на Советот на министри за култура на ЈИЕ

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (вторник, 9 април) во Брдо кај Крањ, Република Словенија, имаше свое обраќање на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ) на кој Република Македонија и официјално го презеде од Република Словенија претседавањето со ова значајно тело во период од една година.


Канческа-Милевска изрази голема благодарност до Република Словенија којашто во текот на изминатата година, преку своето претседателство, недвосмислено ја промовираше нашата заедничка заложба земјите на ЈИЕ меѓусебно да соработуваат во рамките на УНЕСКО, Европската унија, Советот на Европа и воопшто како земји-соседи кои на пријателски и демократски начин ги споделуваат заедничките потреби, иницијативи и вредности во доменот на културата и културното наследство.

Република Словенија беше можеби најистакнатиот поддржувач на иницијативата КОМОКОСЕЕ да се обедини со министерската платформа на УНЕСКО за културното наследство во ЈИЕ, којашто уште поефикасно ќе ја спроведува нашата заедничка политичка волја на највисоко ниво, платформа којашто ќе го води регионот кон урамнотежен и одржлив развој – рече Канческа-Милевска.

Таа најави дека Република Македонија во наредниот едногодишен период ќе се труди да даде силен импулс во регионалната соработка.

Во текот на претседателствувањето ќе бидат реализирани голем број активности, ќе се настојува да се потенцира значењето на културното наследство како фактор за одржлив развој, промовирајќи го притоа неговото општествено значење. Исто така, ќе биде реафирмирана идејата за „Скопје агенда“, која предвидува формирање на „Регионална мониторинг и советодавна група“, која ќе ги следи одвивањето и евалуацијата од ефектите на проектите: Љубљански процес II: Обнова на нашето заедничко наследство“, „Пилот-проектите за локален развој“, и „Обновата на наследството во историските градови“ – пилот-проект спроведен во земјите-потписнички на Киевската иницијатива.

Веруваме дека „Скопската агенда“ ќе даде придонес кон градењето на демократската стабилност и процесите за граѓанска инклузија, како и кон зголемувањето на потенцијалот на наследството за унапредување на квалитетот на животот – истакна Канческа-Милевска.

На денешниот состанок во Брдо, министрите за култура, како и претставниците на УНЕСКО, Советот на Европа и на Европска Унија, ја усвоија и министерската Декларација со која се обврзаа на поинтензивна меѓусебна соработка.

You May Also Like