Канческа-Милевска со свое обраќање во Софија

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (четврток, 23 октомври) имаше обраќање пред министрите за култура на земјите од Југоисточна Европа во рамките на 8-та Министерска конференција за културно наследство во ЈИЕ, на тема „Нематеријалното културно наследство и одржливот развој“ која вчера и денеска се одржува во Софија, Република Бугарија.

Покрај министрите за култура, гостин на овој значаен настан е и Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО, со која министерката за култура Канческа-Милевска во текот на денов ќе оствари и билатерална средба. Во рамките на конференцијата министерката Канческа-Милевска оствари средба со српскиот министер за култура Братислав Петковиќ, со кого разговараше за досегашните и идни проекти меѓу двете земји на полето на заштитата на културното наследство.

Во фокусот на конференцијата е подобрувањето на регионалната соработка за заштита на нематеријалното културно наследство во ЈИЕ, а беше поздравено и отворањето на Регионалниот центар за нематеријално културно наследство, кој во Софија функционира од февруари годинава. На конференцијата беа поздравени и регионалните активности во рамките на новата глобална иницијатива „Култура: Мост за развојот“.

Во своето обраќање Министерката истакна дека одржувањето на конференцијата ја покажува заложбата на земјите од ЈИЕ меѓусебно да соработуваат во рамките на УНЕСКО, ЕУ, Советот на Европа и, воопшто, како земји-соседи кои на пријателски и демократски начин ги споделуваат заедничките потреби, иницијативи и вредности во доменот на културата и културното наследство.

„Дозволете ми да ја изразам мојата увереност дека со јакнењето на заедничката соработка ќе ги имплементираме нашите одлуки донесени на овие значајни средби и ќе успееме на нашите идни генерации во регионот да им оставиме наследство на воспоставена комуникација кое ќе се базира на нашата заемна толеранција и разбирање, воспоставен дијалог и почитување на културните разлики“, истакна Канческа-Милевска.

Министерката за култура информираше дека една од најприоритетните заложби на Владата е заштитата на културното наследство и валоризација на неговите потенцијали. Таа подвлече дека Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство која успешно е имплементирана на национално ниво во Законот за заштита на културното наследство.

„Досега во Република Македонија под заштита се ставени 40 добра кои се однесуваат на дијалектите и говорите на македонскиот јазик и на другите јазици во Македонија, топонимите, народните песни и ора, обичаите и др., а дваесет и пет нови апликации за прогласување се во процедура. Исто така, соочени сo ризикот дека формите на духовното наследство со текот на времето можат да исчезнат, Министерството за култура, преку своите годишни програми, редовно ги поттикнува и ги поддржува активностите на своите институции, невладините здруженија, поединците и фолклорните ансамбли од сите етно-региони на државата кои го негуваат, евидентираат и го презентираат духовното културно наследство“, рече Канческа-Милевска.

Таа потенцираше дека Министерството и во иднина ќе продолжи да обезбедува поддршка за развој на програми за негување, меморирање и популаризација на духовното културно наследство преку: кампањи за подигнување на свеста на јавноста за културното наследство; едукација на младите генерации преку соодветни наставни програми во основното, средното и во високото образование; вклучување информации за заштитените духовни културни добра во програмите на неформалното образование во т.н. летни школи, семинари, специјални циклуси предавања,веб-проекти, работилници и други креативно-образовни практики; и актуализација на наследените културни (духовни) добра во програмите на фестивалите на традиционална култура во државата.

На крајот од своето излагање министерката за култура упати покана до присутните за учество на министерската конференција која ќе се одржи на 13 ноември во Скопје, во рамките на претседавањето на Република Македонија со процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, како и на Верската конференција следната година.

You May Also Like