„Македонистички студии за Егејот“ од проф. д-р Васил Дрвошанов излезе деновиве од печат во издание на „Бата прес“ во едицијата „Лингвистика“ …
Во предговорот на книгата, авторот наведува дека прилозите за говорите во егејскиот дел на Македонија објавени во ова дело се работени во текот на последните три децении.
– Доминантна побуда за објавување на оваа книга е љубовта кон јазикот на Македонците и почитта на позитивните духовни и интелектуални карактеристики на благородните Македонци, пишува д-р Дрвошанов.
Тој додава дека во тој контекст исклучително место имаат проучувањата на говорите во егејскиот дел на Македонија, кои претставуваат интегрален дел од македонскиот дијасистем.
Уште во самиот почеток, авторот врз основа на сопствените истражувања и на истражувањата на други угледни лингвисти, констатира: – Дијалектите во егејскиот дел на Македонија, коишто се наоѓаат во државните рамки на Грција, се дел од дијалектите на македонскиот јазик на крајниот словенски југ на целиот појас од Родопите и реката Места, на исток, па до планината Грамос, на запад. Со распарчувањето на Македонија по судбоносните Балкански војни во 1912 и во 1913 година, пресечени неприродно од македонското јазично ткиво, а подоцна и со низа насилни демографски промени, говорите во егејскиот дел на Македонија продолжија да егзистираат. Меѓутоа, на јазичен план тие не претставуваат единствен дијалектен тип“.
Книгата што ќе биде промовирана есенва, објавена е со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, во рамките на Националната програма за култура за 2014 година.