Изложба на словенски ракописи од 13-19 век во НУБ „Св. Климент Охридски“

Изложба на словенски ракописи од 13 до 19 век во НУБ „Св. Климент Охридски“ утре вечер со почеток во 20 часот …

NUB_kliment_ohridski

Посетителите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје од утре до 10 јули годинава ќе имаат можност да ја видат ексклузивната изложба „Словенски ракописи од Македонија од 13 до 19 век“.

Изложбата, која е организирана во рамки на јубилејното чествување на 70-годишнината од основањето на НУБ „Св. Климент Охридски“, утревечер во 20 часот ќе ја отворат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на оваа национална библиотека „Св. Климент Охридски“, Иван К. Заров.

По гостувањето на изложбата во Кралскиот музеј Мариемон во Белгија и скорешното нејзино претставување во Ватиканските музеи во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ и 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Светата Столица, првпат изложбата ќе биде презентирана и пред пошироката македонска културна и општествена јавност.

Преку изложбата, посетителите ќе се запознаат со нашето културно-историско наследство преку најрепрезентативните ракописни книги, сведоци на илјадагодишната словенска писмена традиција на Македонија на чии темели е вградена дејноста на двајца од најзначајните Кирилометодиеви ученици и учесници во Моравската мисија-светите Климент и Наум Охридски.

Ракописните книги вклучени во оваа изложба опфаќаат еден голем хронолошки дијапазон и имаат една доминантна теолошка и литургиска конотираност со исклучок на два ракописи од 19 век низ кои провејува една граѓанска, профана обоеност.

Од вкупно триесет ракописи, 21 се од фондот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а останатите девет ракописи се од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Државниот архив на Македонија, Историскиот архив – Охрид, Македонската архиепископија (Богословски факултет) – Скопје и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

You May Also Like