Концерт на Кирил и Александра Трусови во Света Софија

Денеска (среда, 6 август) во 21:00 часот во Црквата Света Софија концерт ќе одржи дуото Кирил Трусов и Александра Трусова од Русија.

sveta sofija ohrid

Вечерва концерт на исклучителното виолинистичко име Кирил Трусов кој веќе ја има достигнато светската слава, со настапи на најпрестижните музички сцени.

– Показател на тоа е што Трусов во Охрид доаѓа по неговиот настап на познатиот фестивал Вербие во Швајцарија, што е потврда на високото реноме на охридскиот музички фестивал, истакна селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Гордана Јосифова-Неделковска.

Кирил Трусов во пијано придружба на неговата сестра Александра Трусова кои по трет пат се гости на „Охридско лето“, вечерва ќе се претстават со малку поинаква програма, ретко изведувана, што е причина повеќе искусната фестивалска публика да ужива во вечерашниот концерт.

Маестро Трусов на денешната прес-конференција изрази задоволство што е повторно во Охрид, сеќавајќи се на неговите претходни настапи на „Охридско лето“.

– Секое лето со сестра ми си споменуваме за Охрид, за охридскиот фестивал, секоја летна сезона ја поврзуваме со нашите претходни настапи тука. Ова е прекрасно место, со кое не поврзуваат убави спомени, истакна тој.

Трусов од својата 17-та година има привилегија да свири на оригинална виолина Страдивари, изработена во далечната 1702 година, на која своевремено свирел и познатиот виолинист Адолф Бродски.

Кирил Трусов е еден од најзначајните виолинисти на својата генерација. Се образувал под менторство на истакнатите уметници и педагози Захар Брон и Кристоф Попен, како и Игор Ојстрах и Јехуди Менухин. Со своите многубројни солистички настапи, Трусов стекнал углед на исклучителен уметник, а неговите концерти се многу високо оценети од голем број критичари во светот. Настапувал со различни оркестри од целиот свет (Филхармонискиот оркестар на Минхен, Националниот оркестар на Франција, Радио-симфонискиот оркестар на Баден-Баден и др.), а исто така соработувал и со диригенти како Сер Невил Маринер, Лоренс Фостер, Владимир Спиваков, Дејвид Стерн и др. Трусов настапува и како камерен музичар. Добитник е на голем број награди и признанија (Наградата „Давидоф“ на музичкиот фестивал „Шлезвих-Холштајн“, европската награда „Про-Европа“ и др.). Оваа година значаен е и неговиот настап на Зимските олимписки игри во Сочи. Свири на виолина „Страдивари“ која потекнува од 1702 година, на која свирел познатиот виолинист од 19-тиот век – Адолф Бродски.

Александра Трусова своето образование го стекнува во својот роден град – Санкт- Петербург, а потоа се надградува под менторство на Џејмс Токо во Лубек, Дмитриј Башкиров во Мадрид, Вадим Суханов во Минхен и Алфредо Перл во Детмолд. Во својата кариера настапувала во значајни центри во Европа, Америка, Канада и Јапонија, со реномирани диригенти како Лорин Маазел, Јозеф Сук, Мајкл Тилкин, Волтер Велер и др. Често настапува на интернационални музички фестивали како солист и како камерен изведувач. Исто така, со години успешно настапува и со својот брат, виолинистот Кирил Трусов, дуо кое со своите настапи добива признанија низ целиот свет. Трусова е добитник на повеќе интернационални награди.

You May Also Like