Кампања за популаризација на литературата за деца „Дваесет причини за читање книга“

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во соработка со Министерството за култура почна кампања за популаризација на македонската литература за деца и денеска организираше средба на писатели за деца со најмалите читатели.

literatura za deca 14 fevruari kanceska milevska

„Дваесет причини за читање книга“ е мотото на кампањата што ќе се организира со основните училишта. Ученици од трето одделение од ОУ „Коле Неделковски“ беа на првата средба и кажуваа свои причини зошто го сакаат читањето, па рекоа дека им ја храни душата со емоции и знаење, им ја развива фантазијата, им го збогатува речникот…

Совети за повеќе другарување со книгите, а помалку со интернетот, тие добија од четворица познати и најчитани автори за деца во Македонија – Стојан Тарапуза, Велко Неделковски, Горјан Петревски и Александар Кујунџиски.

literatura za deca 14 fevruari 3

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска изјави дека е задоволна од начинот на кој размислуваат и како се изразуваат најмладите читатели, но и од зголеменета издавачка продукција наменета за нив.

– Ова е многу заначајна кампања за подигнување на свеста кај децата за значењето на читањето. Книгата има вредност од најширок аспект и многу ме радува што најмладата популација се повеќе чита книги. На оваа средба видов среќни насмевки, интелект и прекрасно литературно изразување, благодарение на читањето на книгите и на добриот однос на наставниците со децата, изјави Канческа-Милевска.

literatura za deca 14 fevruari 2

Министерството за култура силно ја поддржува продукцијата за деца и годинава таа е 60 проценти поголема од минатите години.

– Оваа година за поддршка стигнаа над 50 проекти од детската литература, а поддржавме 38, со цел да се збогати литературата за деца од која ќе има силен ефект, додаде министерката за култура.

На учениците таа им порача дека книгата е најголемо богатство и дека со читањето се постигнуваат високи цели. – Се станува добар научник, добар уметник, богати и сериозни личности, рече Канческа-Милевска.

literatura za deca 14 fevruari 1

Учениците им поставуваа прашања на писателите-гости во библиотеката кои, пак, за корисноста од книгите ги советуваа и преку своите стихови и творби.

Според Стојан Тарапуза, иако е загрозена од интернетот, книгата не умира и е безвремена. – Таа е наша другарка, учителка, од духовна беда спасителка. И се што се прави во име на книгата, треба да го поздравиме, да се активираме сите, за да и помогнеме на книгата. Нема светлина без знаење. Знаењето е храбост, незнаењето е страв. Само книгата може да не ослобдоди од стравот на незнаењето, рече Тарапуза.

Кампањата за популаризација на книгите кај најмладите, која денеска почна во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, ќе продолжи во централните библиотеки „Другарче“, „Страшо Пинџур“ и „Цветан Димов“ и во 14-те библиотечни кланови во Скопје, а ќе бидат вклучени основните училишта.

You May Also Like