Во летниот период Кинотеката на Македонија вообичаено го дисперзира одржувањето на својата редовна филмска програма во насока на промовирање на аудиовизуелното наследство надвор од главниот град, за поширока и поразновидна публика.
Од Кинотеката информираат: „Заедно со Министерството за Култура на Р.М и Агенцијата за филм на Р.М., Кинотеката оваа година во рамките на манифестацијата Крушево – Град на културата која се одржува во втората половина на јуни на крушевчани им понуди филмска програма од поновата документарна и играна македонска продукција. Во рамките на оваа програма беа прикажани: ВЛАКНА, ОВА НЕ Е АМЕРИКАНСКИ ФИЛМ, МАТЕРИЈАЛ ЗА АУДИЦИЈА, ПАНКОТ НЕ Е МРТОВ, Човекот со чудна навика да ме мава со чадор по глава, Трето полувреме, Игра и спас, Војната заврши, Убаво време за умирање, Балканот не е мртов, НЕДОВРШЕНА ПРИКАЗНА, Барајќи ја среќаТа и ПЛАТИ И ЖЕНИ. Истовремено и паралелно со овие проекции се одржа и Ревија на германски детски филм како дел од фестивалот „Буф“ којшто го организира Гете институтот. Проекции на овој избор од македонската кинематографија Кинотеката одржа и во Берово, а следува и Крива Паланка, во рамките на Деновите на културата што се одржуваат во летниот период во овие градови.
Не беше запоставена ниту скопската публика, особено за време на одржувањето на Скопско лето во чии рамки секоја година се одржуваат проекции на странски и по некој домашен филм од кинотечната ризница – претходните години во парк-киното во Градскиот парк, но последниве две години во киносалата на Кинотеката. За потсетување, на самиот почеток од летото, по повод 20-годишнината од дипломатските односи меѓу Република Словачка и Република Македонија, беше реализирана и програмата ДЕНОВИ НА МОДЕРЕН СЛОВАЧКИ ФИЛМ, каде публиката имаше можност да погледне преку дваесетина извонредни филмски изданија од словачката кинематографија.
Во насока на промовирање и афирмирање на националната македонска кинематографија, во рамките на програмата на Охридско лето, овојпат на 2. август, денот на Илинденското востание, во Домот на Кулутрата во Охрид предвиден е филмски маратон посветен на режисерот Љубиша Георгиевски по повод јубилејот 55 години од неговото творештво и 77 години од раѓањето, каде ќе бидат прикажани играните ПОД ИСТО НЕБО, ЦЕНАТА НА ГРАДОТ, РЕПУБЛИКАТА ВО ПЛАМЕН и ПЛАНИНАТА НА ГНЕВОТ. Филмскиот опус на режисерот Љубиша Георгиевски, составен од четири играни долгометражни филмови и три краткометражни веќе се дигитализира во Филмската лабараторија во Будимпешта, Унгарија. Овие реставрирани филмови се ново поглавје во проектот за дигитализација на македонското филмско наследство кој Кинотеката на Македонија го започна пред три години со дигиталната реставирација на филмскиот опус на режисерот Столе Попов, како и дигиталната реставрација на филмовите на Арсениј Јовков и на Браќата Манаки. Филмовите на Попов и на браќата Манаки беа издадени на ДВД, така што крајот и на овој проект, исто така, ќе резултира со објавување на ДВД со филмовите на Георгиевски.
По успешната реализација на 70. КОНГРЕС НА ФИАФ во Скопје, чиј домаќин беше Кинотека на Македонија, продолжува меѓународната активност на институцијата со нејзино учество на годинешново издание на Фестивалот на реставрирани и новооткриени филмови во Болоња (Il Cinema Ritrovato). Во рамките на Фестивалот во Болоња беше претставен и штандот на Кинотеката на Македонија, на кој беа промовирани ДВД-изданијата со дигитално реставрираните филмови, како и последното издание од списанието „Кинопис“, посветено на Хронологијата на македонската кинематографија.
Во рамките на одржувањето на фестивалот во Болоња, свое Генерално собрание одржа и Европската асоцијација на кинотеки (ACE – Association de Cinematheques Europeen), на кое директорката на Кинотеката на Македонија, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, беше реизбрана за член на Управниот одбор на оваа организација. Ова е трет мандат за г-ѓа Ѓоргоска-Илиевска во овој меѓународен Управен одбор.
За време на фестивалот Il Cinema Ritrovato во Болоња, исто така, се одржува и Летната школа за филмска реставрација на ФИАФ, во која претставник на Кинотеката на Македонија, оваа година, е филмологот Александар Трајковски, кој има единствена можност да се запознае со најновите стандарди за реставрирање, архивирање и заштита на филмското наследство, како и да земе учество во практична лабораториска работа“ – информираат од Кинотека на Македонија.