Градската библиотека „Браќа Миладиновци” по повод Меѓународниот ден на Мајката Земја, денеска (21 април) точно на пладне ќе се приклучи кон светското одбележување на Денот на Мајката земја со ликовен хепенинг …
Меѓународниот ден на Мајката земја промовира поглед на Земјата како субјект, кој ги одржува сите живи нешта кои се во природата и ширење на глобалната свест за меѓузависноста што постои меѓу луѓето и другите живи видови и нашата планета.
– Сите ние ја добиваме Земјата како целина и го имаме нашето место во неа. Хармонијата со природата е идеата на овој настан и со активно учество на децата, како заштитници на Земјата, се дефинираше темата на ликовниот хепенинг – „Биди и ти заштитник на планетата“, велат организаторите.
Ликовниот хепенинг се организира во соработка со Центарот за едукација и креативност „Никулец Креатива“ и учениците од ОУ „Коле Неделковски“ Скопје. Настанот ќе се одржи во дворот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Пораките од хепенингот учениците ќе ги делат на минувачите, за ширење на идејата дека имаме само една планета за живот и треба да ја чуваме за нашите деца и за идните генерации.
Од настанот ќе биде испратена покана со список на активности за заштита на планетата во кои може да се вклучи и надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, активности кои ќе ги дефинираат самите учесници на хепенингот.