Денес (петок, 7.6.2013 година), со почеток од 19:30 часот во галеријата на Центарот за култура “Марко Цепенков” во Прилеп, во рамките на МТФ “Војдан Чернодрински” ќе биде отворена изложба на скулптури од д -р Никола Смилков од Штип.
Уметникот ќе се претстави со 15 скулптури. Веднаш по оваа изложба ќе биде отворена и рестропективна ижложба на 30 слики од колонијата Де Ниро.
Горанчо Ѓорѓиевски за творештвото на Смилков:
“Истражувањата на Никола Смилков во скулптурата се во областа на апстрактногеометризираната скулптурална форма и спојот како на формите, така и на материјалите. Тој ја негува пластичната слободна форма преку аналитички и математички пресметана постапка, создавајчи чисти пластични структури со извесни симболични и асоцијативни белези, пред се во насловувањето на делата. Скулптурите наликуваат на архаични мегалити или архитектонски конструкции во зависност од конструкцијата и поставеноста на вертикалите и поставеноста на закосените хоризонтали и дијагонали во обликувањето на делото. Во некои од скулптурите присутни се извесни шуплини (перфорации) кои во скулптуралната маса контрапунктираат во постигнувањето на надворешните светлосни сензации и се важен елемент во целосниот визуелен ефект.
Динамиката на формите е постигната со конструктивна постапка на поврзување во обликувањето на делото. Внатрешниот спој во обликот често доведува до меѓусебни тензии и суптилни меѓуодноси во ритамот на композицијата во кој примарните форми и даваат на целината визуелна привлечност. Изработката на делата е доведена до перфекција во совршеноста. Мермерот кој најчесто го користи во своите дела зрачи со внатрешен живот и ова е битна особина на неговите скулптури.
Во творештвото на Смилков е силно истакнато неговото чувство за монументалност. Иако станува збор за пластика во мали димензии за него идејата за скулптура е идеја за монументалност. Секое негово дело е конципирано како монументално дело. Смилков преку уметноста ги разјаснува своите мисли за скулптурата како неограничен и бескраен простор на изразување.“