Канческа-Милевска во посета на Археолошкиот музеј при Филозофскиот факултет

Министерката Елизабета Канческа-Милевска денеска (петок, 16 ноември) на Филозофскиот факултет во Скопје, во присуство на професорите и студентите, се обрати на прес-конференција на која беше подвлечена досегашната успешна соработка на Министерството за култура со оваа високообразовна институција.

 

„Поврзувањето на теориското знаење што го стекнуваат студентите во текот на образовниот процес со практичното знаење стекнато на терен, при обемните теренски истражувања на археолошките локалитети во Република Македонија, е особено важно за студентите на овој оддел бидејќи на тој начин тие ја практикуваат науката со целата нејзина комплексност“, подвлече Канческа-Милевска.

Како што беше истакнато, соработката особено е значајна во делот на реализација на голем број проекти коишто имаат не само теоретско-практични резултати туку и огромна едукативна функција, особено активностите што ги засегаат заштитата, валоризацијата и презентацијата на културното наследство на Република Македонија. Во реализацијата на овие проекти се пронајдени голем број артефакти кои се презентирани пред јавноста.

Меѓу позначајните проекти од областа на археологијата беа истакнати археолошките истражувања на локалитетите Висока, с. Крушевица и Старо Бонче, Градиште, с. Црнобуки – Битолско, локалитетот Орловица–Ракотинци, Вардарски рид и многу други.

Археолошките истражувања овозможија откривање на карактеристични форми на материјалната култура од македонското поднебје – монети, разни орудија, оружје, керамика, украсни предмети.

Канческа Милевска го посети и Археолошкиот музеј кој веќе две години успешно функционира во рамките на Филозофскиот факултет и чија музејската збирка денеска содржи околу 5 илјади предмети пронајдени во текот на студиските истражувања. Пронајдените експонати се уредно систематизирани и презентирани и имаат огромна едукативна функција бидејки им овозможуваат на студентите сето она што се изучува и се истражува на терен да може да го валоризираат и да го презентираат пред јавноста.

Министерството за култура во континуитет продолжува да го поддржува и публикувањето на голем број монографии кои се резултат на долгогодишните истражувања спроведени од групата за Историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет.

You May Also Like