Кураторски проект – Емитер „Скопје“ во центарот на Градот

СКОПСКИ УРБАНИ ПРИКАЗНИ петта година по ред ќе овозможи на 4 млади македонски уметници, членови на ДЛУМ, во текот на еден ден,вторник, (26 јуни) од 18.00-24.00 часот, следејќи ја тематската определба на кураторот, да ја привлечат скопската јавност и со јавниот карактер на остварувањата да придонесат кон означување на постоечкиот јавен простор во градот.

Преку кураторската изложба на Бојана Јанева-Шемова, Емитер „Скопје“, ќе се претстават уметниците: Марија Сотировска со Торнадо, Борис Шемов со Инспиративен етер, Дарко Алексовски со Одмори се и Александар Спасоски со Бродот што никогаш не помина. Нивните интерактивни и мултимедијални дела ќе бидат инсталирани и поставени на различни локации во централното градско подрачје, поточно на приодите кон плоштадот.
Основната идеја, од која кураторот се води, е уникатната карактеристика на овој град, да предизвикува голем број сетилни дразби, истовремено. Овој амалгам на визуелни, аудитивни и тактилни дразби, на така мал простор, е резултат на специфичната синергија на идеолошките и комерцијалните рекламни кампањи и на засилената потреба за сетилен хедонизам, карактеристичен за граѓаните на Р. Македонија.

Во ова лежи предизвикот за уметниците од овој кураторски проект, преку своите дела да искомуницираат со скопската публика, која во голема мерка, токму на појасот на Малиот ринг е под силни уметнички сетилни провокации, и на таков начин да се индуцира еден поинаков, личен начин на интеракција. И оваа година Скопски урбани приказни ќе создаде жив дијалог, а Скопјe уште еднаш ќе се докаже како емитер на сензации низ најразлични дисциплини коишто работат и размислуваат заедно, по повод – возбудлива уметничка комбинација за ширење свежи идеи.
Носител на проектот е Друштвото на ликовните уметници на Македoнија во соработка со Скопско лето.

content/uploads/2012/06/skopje-plosshtad-copy.jpg

You May Also Like