Покрај објавата на до сега три исклучително позитивни критички осврти кон романот „Дваесет и првиот“, ова е второ интервју кое македонскиот автор го дава во Хрватска.
По појавата на најновата рецензија објавена на Третата програма на Хрватското радио, во која со највисоки оценки се проследува хрватскиот превод на македонскиот роман „Дваесет и првиот“ на Томислав Османли, нејзиниот автор Божидар Алајбеговиќ, еден од најистакнатите хрватски литературни критичари, побара и реализираше и интервју со нашиот автор, овој пат во реномираниот литературен портал „Модерни времиња инфо“.
Под насловот „Лоша среќа на на прагот од новата епоха“, „Порталот за книга и култура“ Mvinfo.hr чијшто главен и одговорен уредник е книжевниот аналитичар и полемичар Ненад Бартолчиќ, објавува големо интервју со македонскиот писател:
„Томислав Османи – стои во најавата на интерјуто – е истакнат 57-годишен македонски писател: ракажувач, драмски автор, теоретичар на медиумите, филмски и театарски критичар, но и писател, есеист, добитник на бројни награди. Неодамна Згрепски „Сандорф“ го издаде неговиот роман ’Дваесет и првиот – ’Книга на фантазми’, овенчан со најзначајната македонска литературна награда: што беше повод за разговор со авторот, во кој освен за неговиот роман и за творештво, поразговаравме и за македонската литературна сцена, положбата на писателите во Македонија, односот на томошните медиуми, но и на власта кон културата и книжевноста.“
Интервјуто има есеистички, колку и конкретен аналитички карактер, и – поттикнуван од аналитичкиот книжевен критичар – низ анализа на авторскиот свет на Османли и неговите искази во содржините и структурите на наградениот роман, вообличува и општи, есеистички погледи на суштината на човековото постоење во современата стварност, колку и аспекти од македонските книжевни состојби и македонско-хрватските литературни објави и актуелни книжевни размени. При тоа Османли препорачува и дел од македонските прозни автори на внимание на хрватските издавачи, како што говори и за објавите на поголем број хрватски автори во македонското книгоиздателство.
Покрај објавата на до сега три изразито позивтивни критички осврти кон романот „Дваесет и приот“, ова е воедно и второ интервју кое нашиот автор го дава во Хрватска. Претходното, беше објавено на фреквентниот „порталот за култура и уметност“ Ziher.hr под насловот: „Да се пишува е како да се сонува. Само обратно.“
Инаку, во Хрватска постои и богата преведувачка продукција, но и строга селекција на насловите низ критички осврти и афирмации до кои не доаѓаат голем број дела, останувајќи појавени, но и премолчани. И најновата афирмација преку објавувањето на опсежното интервју со нашиот автор, претставува доказ за квалитетната рецепцијата и за повеќекратното фокусирање на тамошното книжевно внимание врз романот „Дваесет и првиот“ како и неговиот автор.