КУД „Илинден“ од Битола ќе ги отвори „Илинденски денови“

Културно-уметничкото друштво „Илинден“-Битола ќе го отвори 44-то издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ на кој годинава ќе настапат 20 ансамбли од Македонија и 10 од странство …

ilindenski denovi 2014 2

Според востановената традиција, фестивалот ќе почне со орото „Комитско“ во кое настапуваат девет играорци, односно осум комити и еден војвода, истакна Александар Стефановски, уметнички раководител на КУД „Илинден“-Битола кој во орото „Комитско“ 18 години по ред ја има улогата на војводата.

– Скоро три децении, почнувајќи од мојата девета година, што значи 29 полни години, јас сум член на КУД „Илинден“. На фестивалот „Илинденски денови“ континуирано учествувам, а од 1996 година, непрекинато цели 18 години ја играм улогата на војводата. Кога се игра орото „Комитско“ се вложува голема енергија, бидејќи не станува збор за класично играње, туку има и важни сценски сегменти. Во орото настапуваме девет играорци, осум комити и еден војвода, и таа улога за мене секогаш е нова инспирација и предизвик, вели Стефановски.

Орото „Комитско“ е заштитен знак на КУД „Илинден“-Битола и тоа, заедно со ората „Чифте чамче“, „Женско чамче“ и други се негуваат од колено на колено, од генерација во генерација во најстарото културно-уметничко друштво во градот.

За орото „Комитско“ поврзана е и следната занимливост. Кога се игра орото има високи скокови и силни паѓања на колено. Во 1990 година на сцената, тогашниот војвода Валентин Соклевски скокна многу високо и при падот го скрши подот на сцената кој беше изработен од штици. Силниот војвода беше поздравен со аплауз, посочи Стефановски.

КУД „Илинден“-Битола по завршувањето на фестивалот ќе ги почне подоготовките за есенските турнеи во Полска и Унгарија, а ќе учествува и на фестивал во Хрватска, информираа од ова друштво во пресрет на свеченото отворање на Републичкиот фестивал на народни песни и игри.

На фестивалот, кој ќе се одржува од 29 јули до 1 август, ќе настапат и ансамбли од Австралија, Северен Кипар, Грузија, Јапонија, Словенија, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Холандија и од Норвешка.

You May Also Like