Крушево етно град: викенд осврт

Во годината кога Крушево од страна на Министерството за култура на Република Македонија е избран за град на културата, се одвива шестото издание на традиционалната манифестација „Крушево етно – град“.

Етно дуќаните масовно се посетени од страна на туристите, а во текот на вчерашниот ден, најпосетени беа жените од Организацијата „Цвет“ од Крушево, затоа што организираа работилница за плетење и везење.

Патувајќи од Англија до Монголија, вчера во етно градот пристигна и патувачка група од Молдавија, која промовира екологија и здрава храна. Молдавците подготвија нивно традиционално јадење „Мамалига“ кое им го поделија на случајните минувачи.

Богатата културна програма која се одвиваше во текот на целиот ден, вечерта заврши со концерт на етно музичката група „Езгија“. Ова македонско трио приреди несекојдневно доживување на многубројната публика, која уживаше во звуците на македонската чалгиска музика.

На градскиот плоштад „Никола Мартиноски“ се одржа и концерт на познати музички имиња од македонската естрада. Нашите музички ѕвезди пееја хуманитарно, а собраните средства ќе се наменат за реновирање на црквата „Света Богородица“ во Крушево.

Во „Музеј Леарница“ беше отворена изложба на старо оружје од крајот на 18 и 19 век од Крушево и крушевско, а потоа на истото место, ќе се одржи туфекџиска работилница за старо комитско оружје.

Етно градот и вечерва завршува со песна. Во 21.00 часот на градскиот плоштад пеат четири хорови кои исполнуваат македонски староградски и изворни песни. Настапуваат „Пенка Котеска“ и „Пензионер“ од Прилеп, хорот „Распеани крушевчани“, но свој промотивен настап ќе има и новооформениот крушевски градски хор „Македониум“.

You May Also Like