Денес (четврток, 14 март), со промоцијата на новата археолошка поставка во Mузејот на Крива Паланка, свечено започна 10-тото, јубилејно издание на манифестацијата „Град на културата“, чиј домаќин годинава е Крива Паланка.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го изрази своето задоволство што Музејот на Крива Паланка, покрај историската и етнолошката поставка, доби и археолошка поставка и со тоа ја заокружи целокупната музејска збирка.
– Археолошката поставка што ја промовираме денеска содржи над 150 археолошки предмети од праисторискиот, античкиот период, па сè до средниот век, примероци карактеристични само за ова поднебје. Посетителите добиваат можност да видат уникатни наоди, македонски бронзи, ексклузивен накит, посребрени садови и монети. Оваа поставка ја доловува сликата за постоењето на овој град низ вековите и верувам дека таа ќе биде голема провокација за нашите граѓани, но и за посетителите од регионот и пошироко – истакна Канческа-Милевска.
Таа го изрази своето уверување дека манифестацијата „Град на културата“, новата археолошка поставка и целокупната музејска збирка, како и поддршката на голем број настани и манифестации, ќе ја збогатат културата на локално ниво, ќе создадат услови за развој на културниот туризам и ќе го подвлечат значењето на градот Крива Паланка во културниот живот кај нас.
Граѓаните на Крива Паланка и сите љубители на културата и уметноста во текот на целата година, во рамките на манифестацијата „Град на културата“, ќе може да проследат повеќе од 180 настани – театарски претстави, музички концерти, изложби и многу други квалитетни содржини со кои ќе се поттикне соработката со другите општини во Република Македонија, но и со институциите од областа на културата од целата држава.