Летната сезона за студентите претставува совршен период за шетање во странство и релаксирање од секојдневните обврски. Локалните БЕСТ Групи низ цела Европа организираат бесплатни летни академски курсеви, кои на студентите им овозможуваат посета на градови по сопствен избор, запознавање луѓе со различно потекло, забава и рекреација, но и квалитетни предавања овозможени од стручни професори.
Летните академски курсеви се настани во целосна организација на студенти – членови на БЕСТ. Една од поголемите предности на учество на настан од овој вид е тоа што трошоците за храна, сместување и превоз за време на курсот, како и испланираните активности, се покриени од страна на Локалната БЕСТ Група која го организира курсот. Единствено што студентите треба да направат е да си ги подмират патните трошоци.
На курсевите може да се пријави секој студент од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кој зборува англиски. Сè што треба да се направи е да се напише кратко и интересно мотивациско писмо, и да аплицирате на најмногу 3 курсеви. Доколку се заинтересирани студентите, убаво би било да ја разгледаат листата со курсеви и да одберат некој што одговара на нивните студии или пак е на тема која многу ги интересира, а немаат можност да слушаат предавања од тој вид на својот факултет. Крајниот рок за поднесување на апликациите е 17-ти март.
За дополнителни информации и совет како се пишува мотивациско писмо, БЕСТ Скопје ги поканува студентите на информативниот состанок за аплицирање на летните академски курсеви, кој ќе се одржи во Четврток, 14-ти март. Подетални информации за состанокот може да се најдат на следниот линк.
Повеќе информации и помош како се аплицира може да се најде на следниве линкови:
Веб страна на БЕСТ Скопје.
Страница на Facebook.
БЕСТ Скопје им посакува среќа на сите студенти во аплицирањето!
______________________________
_
БЕСТ- Борд на Европски Студенти по Технологија е непрофитна и неполитичка организација која на студентите им дава можност да го да го прошират своето знаење за теми кои го надополнуваат нивното образование преку организирање академски курсеви, инженерски натпревари, симпозиуми за едукација, тренинзи и културни размени. Од друга страна, БЕСТ исто така се стреми да го прошири пазарот на трудот преку саеми за вработување и кариера, работилници, воедно и водење на интернационален центар за кариера.