„Таксират“ во рамки на офф-програмата на шеснаесеттото издание на фестивалот го претставува славниот концертен проект, вистинскиот хеви-метал спектакл насловен METAL ALL STARS.
Концертот ќе се одржи на 26. ноември во Скопје, во „Денсинг сала“ на Младинскиот културен центар.
Организаторите велат: „Ова е единствена можност вистинските љубители на метал и рок’ен’рол музиката на едно место да видат многу легендарни музичари. За овој музички настан досега е се потврдени гостувањата на великаните: Zakk Wylde (BLACK LABEL SOCIETY), JamesS LaBrie (DREAM THEATER), Geoff Tate (QUEENSRYCHE), Joey Belladonna (ANTHRAX), Cronos (VENOM), Chuck Billy (TESTAMENT), Dave Ellefson (MEGADETH), Ross The Boss (MANOWAR), Vinny Appice (BLACK SABBATH / DIO), Carmine Appice (VANILLA FUDGE / ROD STEWART), Rob „Blasko“ Nicholson (OZZY OSBOURNE), Gus G. (OZZY OSBOURNE) и Kobra Paige (KOBRA AND THE LOTUS)!
Вистинска реткост е вакви имиња да се здружат за заедничка турнеја и доколку дел од музичарите можеби веќе сте имале прилика да ги видите на бина, дефинитивно не смеете да пропуштите вакво големо случување. Metal All Stars е всушност еден од најуспешните концертни проекти во хеви-метал светот. Со оглед на тоа дека вистинските ѕвезди на легендарните метал групи се заедно на една бина надополнета со одлична продукција, тие во повеќечасовниот спектакл ги восхитуваат фановите со многубројните хитови. Овој настан всушност е единствена и ретка прилика на едно место фановите да се сретнат со многуте идоли, да чујат како заедно со другите врвни музичари ги изведуваат своите хитови, но и уникатни обработки на песните од другите икони на метал музиката. Голем дел од овие музичари, фановите во Македонија никогаш немале можност да ги видат во живо, а на концертот во рамки на офф-Таксират публиката ќе може буквално да чуе сè и сешто од метал музиката, додека пак посебен акцент ќе биде ставен на метал класиките и легендарните песни, иако ништо нема да пројде без изненадувања.
Творецот на целиот проект, Gabe Reed, објаснувајќи ги причините за проектирање на гигантот каков што е Metal All Stars, изјави дека отсекогаш сакал да види и чуе своевиден метал блокбастер концерт. „Како голем фан на метал музиката, токму ова е спектаклот кој секогаш посакував да го видам, а да станува збор за повеќе од два часа легендарен метал звук“!
Продажбата на влезниците ќе започне од 5. ноември (среда) преку продажната мрежа на МКтикетс. Во специјалната понуда по промотивна цена од 600 денари ќе бидат пуштени органичен број влезници кои ќе бидат достапни до 10. ноември (или до истекот на залихите). По истекот на промотивната понуда, стандардната цена на влезниците во претпродажба ќе биде 800 денари, додека влезниците на денот на концертот ќе чинат 1.000 денари.
Наскоро ќе бидат објавени и нови детали во врска со овој настан кој нè очекува во Скопје на 26. ноември, во „Денсинг сала“ во МКЦ.
Покрај METAL ALL STARS, во рамки на „Таксират“ 16 веќе е најавено и одржувањето на „ЛУЗЕР ФЕСТ“ (29. ноември, МКЦ), како и главната фестивалска вечер на „ТАКСИРАТ“ која ќе се одржи на 7. декември во „Метрополис Арена“, а за која досега се потврдени настапите на врвниот британски трип-хоп уметник TRICKY, холандскиот диџеј кој многумина го сметаат за вистински технички и музички гениј SANDER VAN DOORN, култната хрватска електро-поп група DENIS & DENIS, легендите на британскиот стрит-панк GBH и контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио BAD COPY“ -велат од Таксират.