Промовирана книга за Мулату Астатке – таткото на етио џезот

Вчера издавачката куќа Арс Либрис ја промовираше книгата „Мулату Астатке: Како се создава етио-џез“, а по повод гостувањето на Мулату Астатке во Скопје, во рамките на Off Fest.

mulatu_astatke_etio-jazz

 

Мулату Астатке се смета за татко на етио-џезот. Тој е еден од најзначајните синови на културата на Етиопија и воедно еден од најуспешните џез-музичари на светот. Астатке бил првиот музичар од Етиопија школуван во странство (Лондон, Њујорк и Бостон) и првиот африкански студент примен на престижниот музички колеџ „Беркли“, кој во 2012 година го наградува со почесната титула Доктор по музика.

Како водач на неколку групи, тој свири вибрафон и конги – инструменти што ги пренел во етиопската популарна музика, заедно со други ударни инструменти, клавијатури и органа. Поширока слава меѓу западната публика доживува во 2005 година, кога се појавува како автор на седум композиции од саундтракот за филмот “Broken Flowers” на Џим Џармуш. Книгата е дел од проектот на Универзитетот на Етиопија, во соработка со Зома центарот за современа уметност.

„Книгата претставува осврт на животот и музиката на овој 70-годишен музички иноватор, композитор, аранжер, инструменталист, радиопрезентер, сопственик на клуб и семеен човек, кој и ден-денес живее и работи во Адис Абеба, со ист жар и со иста живост како и во неговата младост“, вели Бранка Бугариска, раководител на издаваштвото во Арс Либрис.

„Во книгата се опишани и традиционалната музика и народните инструменти на Етиопија и на Африка, влијанијата на црковната музика во традиционалната етиоска музика, а со Мулату и на западните влијанија врз етиопската популарна музика. Оттука, книгата не е само приказна за животот и музиката на Мулату, не е само приказна за создавањето на етио-џезот, туку таа е и одличен извор за секој музиколог, етномузиколог, вљубеник во традиционалната музика, во џезот, или во музиката воопшто“, додава Бугариска.

Kнигата „Мулату Астатке: Како се создава етио-џез“ ќе биде достапна на Off fest, како и преку сајтот www.literatura.mk.

mulatu_astatke_off fest2014

You May Also Like