Концерт на симфонискиот оркестар на ФМУ и хорот „Драган Шуплевски“

Годинава Факултетот за музичка уметност во Скопје слави 45 години од своето постоење. По тој повод, утревечер (среда, 7-ми декември) симфонискиот оркестар на ФМУ и хорот „Драган Шуплевски“ ќе одржат целовечерен концерт, под диригентската палка на проф. Саша Николовски – Ѓумар.

На почетокот на концертот оркестарот ќе ја изведе увертирата-фантазија „Ромео и Јулија“ на рускиот композитор Петар Илич Чајковски, а потоа и  суита од балетот „Спартак“ на Арам Хачатурјан, каде на оркестарот ќе му се приклучи и хорот „Драган Шуплевски“. Пред почетокот на концертот, свечено ќе биде доделена наградата на фондацијата „Томислав Зографски“, за најдобар студент на одделите по композиција, музикологија, диригирање и музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност, во учебната 2010/2011 година.

Концертот по повод 45 годишното постоење на ФМУ на 7.12.2011 ќе се одржи во салонот на Македонската опера и балет, со почеток во 20:00 часот, а влезот ќе биде бесплатен.

__________________________________________

Факултетот за музичка уметност во Скопје е високообразовна, уметничка и научна институција од областа на музиката. Основан е во 1966 година, под името Висока музичка школа. Потребите од создавање на институција од ваков вид биле огромни. Со нејзиното создавање македонската музичка култура добила соодветно образован музички кадар, кој многу помогнал во нејзиниот понатамошен развој.

Во 1978 година оваа институција е преименувана во Факултет за музичка и драмска уметност, а во 1979 година се одвојува од Факултетот за драмска уметност, и конечно го добива називот Факултет за музичка уметност. Првиот декан на овој факултет бил професорот Властимир Николовски. Наставата уште од самото формирање се одвива во повеќе оддели. Најпрвин се вовеле наставно-теоретскиот оддел, одделот за пијано и одделите за гудачки инструменти, а подоцна и одделите за соло пеење, композиција, диригирање, дувачки инструменти. По нив се вовеле одделите за музикологија, етномузикологија и уште некои други, што биле одговор на современите потреби на нашата музичка средина.

Благодарение на генерациите завршени студенти на ФМУ, општото музичко образование во Македонија го доби потребниот високо стручен кадар за квалитетно изведување на наставата по музичко воспитание. Сите изведувачи на националните изведувачки ансамбли во Република Македонија (Операта, Филхармонијата) се дипломирани студенти на оваа институција. Вработените во музичките редакции на МРТ, како и големиот број комерцијани радија и телевизии во нашата држава, се исто така завршени студенти на ФМУ.

И на планот на меѓународната соработка се остварени значајни резултати, преку учество на странски професори во реализирањето на наставата кај нас, но и на наши професори на странските факултети. Истовремено студентите на ФМУ гостуваат на разни стручни семинари, изведувачки кампови и сл. Од 1975 година, ФМУ е член на Меѓународната асоцијација на музички академии, конзерваториуми и високи школи со седиште во Женева.

You May Also Like