Шеста Чешко-македонска научна конференција во Брно

Во организација на Институтот за славистика при Филозофскиот факултет на Масариковиот универзитет во Брно и здружението „Пријатели на Јужните Словени“, вчера и денес во Брно, Република Чешка, се одржува 6. Чешко-македонска научна конференција.

Brno

На конференцијата „Пријатели на Јужните Словени“ со свои реферати учествуваат истакнати научни работници од чешките универзитети и институти, од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и од други научни установи од Република Македонија.

– Чешко-македонската научна конфренција, има за цел меѓусебно запознавање на јазикот, историјата, литературата и културата на двата народа. Во светот, ние мораме да ја претставиме нашата литература и култура. Таа е зрела, развиена, оригинална и е составен дел од европскиот литературен процес. Без развиена култура нема развиено општество. Затоа веќе со децении се грижам да им ја покажам, претставам и интерпретирам на чешките читатели, изјави за МИА академик професор Иван Доровски, организатор и учесник на оваа и сите претходни мешовити научни конференции.

– Мојата книга „Чешките земји и Македонија, поглавја од чешко-македонските и македонско-чешките врски” издадена на чешки во 1973 година им ја откри на Чесите, земјата на солунските браќа и нашата култура. И сите други мои книги имаат слична цел. Македонија и воопшто Балканот е создаден, пред се, од бескрајна волја и љубов кон слободата. Мораме до го изучуваме минатото, не да го поправаме. Тоа второто, неизбежно води кон конфронтација, вели Доровски.

Во рамките на Конференцијата е предвидена литературно-музичка вечер со презентација на новоиздадени книги на чешки јазик од македонски автори, меѓу кои „Големата вода” и двете „Пасквелии” на Живко Чинго, „Квартети” на Владимир Мартиновски и Антологија на најмладата македонска поезија и проза, која содржи 111 песни од 23 млади автори.

– Промоцијата на чешкото издание на поетската книга „Квартети за читање, гледање, пеење и слушање“ за мене е прекрасен настан поради неколку причини. Прво, станува збор за препејувачки подвиг. Преведувачката Славомира Рибарова успеа да ги преведе сите визуелни песни на чешки јазик, транспонирајќи го и значењето и обликот на песните, што е вистинска реткост, изјави Владимир Мартиновски, наградуван македонски поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач и вонреден професор по предметот компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

По свеченото отворање на Конференцијата, присутните ги поздрави македонскиот амбасадор во Прага, Паскал Стојчески изразувајќи задоволство што форумот се одржува во годината кога се одбележува 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Чешката Република, по кој повод изминатите неколку месеци се оддржаа многубројни културни настани и активности во двете земји.

Тој додаде дека одржувањето на денешната конференција, меѓу другото, е доказ за напорите на високообразовните институции од двете земји за одржување на традицијата на редовни собири за истражување на широката и актуелна проблематика на јазикот, литературата и врските меѓу македонскиот и чешкиот народ кои позитивно ќе придонесат кон заемна размена на најновите научни достигнувања и ќе ги зајакнат книжевните врски.

Литературната понуда во Чешка е збогатена и со неодамна објавениот превод на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски и на збирката поезија „Чехопек” на македонскиот поет Ристо Лазаров, кој пред неколку месеци официјално беше примен за член на Чешкиот ПЕН центар.

Извор: МИА

You May Also Like