Вечер (петок, 20 јули) во 20:30 часот на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза концерт ќе одржи МКУД „Јане Сандански“ од Мелбурн, Австралија.
Друштвото е формирано во далечната 1982 година и годинава го слави својот јубилеј- 30 години од формирањето. Тоа е едно од најактивните КУД во дијаспората и досега има приредено околу 1000 концерти. На репертоарот негува песни и ора од сите краеви на Македонија и речиси сите кореографски постановки се дело на истакнатите македонски фолклорни работници- Стојче Каранфилов и Митко Алексов. Организатор е и на бројни културно-уметнички манифестации во Австралија, што се организираат по повод чествувањето на голем број црковно- верски празници и значајни настани и личности од македонската историја.
Годинава, членовите на МКУД „Јане Сандански“ од Мелбурн, Австралија, по четврти пат доаѓаат во Македонија и како гости на Ансамблот „Гоце Делчев“ од Скопје, ќе приредат повеќе концерти во Охрид, Вевчани, Демир Хисар, Берово и Скопје, а ќе учествуваат и на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола.
На концертот кој е во рамките на годинашното Скопско лето 2012 ќе земат учество и неколку афирмирани интерпретатори на македонската народна песна. Целокупната програма ќе биде во придружба на народниот оркестар на Ансамблот „Гоце Делчев“ од Скопје.