Македонската филхармонија вечер ќе изведе концерт насловен „Егзил во Америка“, под диригентство на Тимоти Редмонд, шеф диригинет на Филхармонијата на Кембриџ. Солист ќе биде македонската пијанистка Марија Вршкова, добитник на првата награда „Виртуози“ за најдобар македонски изведувач, која беше воведена минатата година.
Ќе бидат изведени дела од композитори кои дел од својот живот и творештво поминале во Америка, па оттаму и насловот на овој концерт. На програмата се: Концертната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, премиерните изведби на Симфонија Реквием од Бенџамин Бритен и „Ноќен лет“ од Семјуел Барбер, а солистката Вршкова ќе го изведе полетниот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Бела Барток.
Диригентот на Тимоти Редмонд, конципирајќи ја програмата со тематски наслов „Егзил во Америка“, пред себе имал повеќе факти што него го оправдуваат. За изборот на делата на пограмата тој напиша: „Денес, кога трансатлантските патувања станаа секојдневие, лесно се заборава дека и во минатото, неколку века наназад, Соединетите Американски Држави биле популарна дестинација за музичарите како што се и денес“.
Лоренцо да Понте, либретистот на некои од најдобрите Моцартови опери, бил професор на Универзитетот „Колумбија“ на почетокот од 19 век и дури организирал италијански пејачи да патуваат во САД, со цел да постигне автентична изведба на операта „Дон Џовани“.
Јохан Штраус во 1872 година бил на турнеја низ Америка, Густав Малер бил шеф-диригент на Њујоршката филхармонија на почетокот на 20 век, а за време на престојот во САД, Дворжак ги создал некои од своите најзначајни дела.
Сепак, многу европски музичари биле приморани на егзодус поради војните во првата половина на 20 век, што било и причина за комплетна промена на музичкото милје на САД. Некои композитори, како Рахмањинов и Стравински, останале да живеат и да творат во САД, додека, пак, други композитори се вратиле во Европа кога за тоа имало услови.
Бела Барток веројатно би се вратил во Европа, но поради неговата болест последните години од животот бил принуден да ги помине во егзил во Њујорк. Кога пристигнал во САД во 1940 година, тој бил разочаран бидејќи не наишол на голем интерес за неговата музика, но со помош на Кусевицки создал неколку ремек-дела, кои ги вклучуваат Концертот за оркестар, Шестиот гудачки квартет и токму Третиот концерт за пијано и оркестар што го напишал како роденденски подарок за 42-от роденден на неговата сопруга Дита.
Бенџамин Бритн ја напуштил родната Англија во 1939 година и заминал во САД од повеќе причини, но најмногу поради неговите пацифистички убедувања. Трите години што ги поминал во Америка биле многу значајни за неговиот композиторски развој бидејќи бил изложен на многу нова музика што го инспирирала да ги создаде некои од неговите најдобри композиции. Симфонијата била порачана од владата на Јапонија, но од политички причини порачката била повлечена, а Бритн, кој веќе го создал своето дотогаш најголемо оркестарско дело, го понудил за премиерна изведба на Њујоршката филхармонија под диригентска палка на сер Џон Барбироли.
Семјуел Барбер, единствениот американски композитор на програмата, живеел во Европа непосредно пред војната. По враќањето во САД од Париз, на крајот на август 1939 година бил регрутиран, и искуството како полковник во армијата го инспирирало да ја напише втората симфонија со наслов „Лет“.
Половина век пред Бритн, Барбер и Барток да ги создадат делата што се на вечерашната програма, Антонин Дворжак ја напуштил Европа и ја прифатил престижната и одлично платена позиција на директор на Националниот конзерваториум за музика во Њујорк. Трите години поминати во Америка ќе резултираат со компонирање на Американскиот квартет, познатиот концерт за виолончело и оркестар и, секако, прочуената симфонија „Новиот свет“. Но пред тоа, американската јавност го запознала како одличен диригент, а негово најпопуларно дело била концертната увертира „Карневал“.
Концертите на Македонската филхармонија од септември се изведуваат во Македонската опера и балет. Од Филхармонијата нагласуваат дека поради градежни работи околу МОБ единствениот пристап до влезот е подземната гаража од страната на аптеката „Зегин“.