Денеска (вторник, 12 август) во концертната сала на Заводот и музеј во Битола ќе се одржи концерт на дуо кларинети и пијано.
На концертот настапуваат Сергеј Петров – кларинет, Ристо Ѓоревски – кларинет и Елена Атанасова Ивановска – пијано.
Сергеј Петров се образувал на руската музичка академија Гнесин, во класата на Народниот артист на Русија, професорот И.П.Мозговенко.
Од 2000 до 2003 година работи како солист на симфонискиот оркестар на Москва “Руска филхармонија”.
Од 2002 година, Сергеј Петров е водечки солист и концертмајстор на групата кларинети при оркестарот на Академскиот Бољшој театар од Русија.
Лауреат е на I Меѓународен натпревар за дувачки инструменти Н. Римски-Корсаков (Санкт Петербург, Русија); лауреат на меѓународниот конкурс “Класично наследство” (Москва), како и на натпреварот за камерна музика во Германија (Klengintal).
Соработува со реномирани ансамбли – триото “Ренесанс – Мозаик”; квартетот “А.П.Бородин”, а настапува и со познати руски уметници: Владимир Королевски (пијано), Андреј Шибко (пијано), Иван Рудин (пијано), Олег Михајлов (пијано).
Од 2013 година, Сергеј Петров е член и солист во дувачкиот квинтет при Бољшој театарот во Москва, Русија.
Покрај сето наведено, Сергеј Петров гради и соло кариера во Русија и во странство.
Во 2009 година тој го издаде ЦД-то насловено “Француската музика за кларинет и пијано”, а до сега снимил повеќе од 10 ЦД-а за фондот на Бољшој театарот како солист и член на ансамбли.
Повеќе пати бил член на жири на меѓународни натпревари.
Соработувал со повеќе познати диригенти, меќу кои и: А.Ведерников, Г.Рождественски, М.Ростропович, А.Лазарев, Ј.Темирканов, В.Синајски, Т.Курентзис, В.Гергиев, В.Ашкенази, В.Спиваков, М.Рота, Д.Јуровски, А.Бурибаев, Т.Зандерлинг, М.Пани и многу други.
Освен изведувачката кариера, Сергеј Петров посветува време и на педагошката кариера, како професор по кларинет и ансамбли на Детското училиште за уметности “М.А.Балакирјев” во Москва.
Ристо Ѓоревски нижо и средно музичко училиште завршува во Битола во класата на професорот Панде Татарчевски, а своите студии ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Иван Кочаров, во чија класа ги завршува и постдипломските студии во 2006 година.
Уште во текот на своето образование забележува бројни настапи како на концерти така и на државните натпревари по кларинет и камерна музика. Наградуван е со прва државна награда за кларинет во 1994 и 1997 и прва државна награда за камерна музика во 2002 година.
Концертно настапувал на повеќе соло рецитали но и како член на различни камерни состави и оркестри во републиката и надвор од неа. Одреден период настапувал како член на Македонскиот дувачки квинтет, додека сега е активен член на Скопскиот дувачки квинтет. Забележителен е и неговиот настап на Скопско Лето 2009, на концертот по камерна музика заедно со македонскиот пијанист Симон Трпчески, како и со младинскиот оркестар на КултурОп под раководство на светското „чудо од дете“ диригентот Илич Ривас.
Како член на различни оркестри настапувал со Симфонискиот оркестар при Факултетот за музичка уметност-Скопје, камерниот оркестар Св. Софија, Битолскиот камерен оркестар, Балканска филхармонија-Скопје, оркестарот Јохан Штраус, симфонискиот оркестар на КултурОп, оркестарот за филмска музика Macedonian Music Entertainment, Македонската Филхармонија и оркестарот на Македонската Oпера и Балет каде што и актуелно настапува. На меѓународно ниво учествува во Интернационалниот младински оркестар-Сараево 2003 година, Меѓународниот Московски Фестивал за Славјанска Музика, каде што е член на жири комисија а воедно има и солистички настапи и др. Има реализирано повеќе аудио и ТВ записи како и издадени два компакт диска со Скопскиот дувачки квинтет, а во подготовка е и првиот солистички компакт диск.
Неговите настапи биле дел од различни фестивали како што се Скопско лето, Охридско лето, Есенски музички свечености, Денови на македонската музика, Интерфест-Битола, Хераклејски вечери-Битола, Битфест-Битола, Штипско лето, Дојрански ракувања, Сараевска зима, како и настапи со различни формации, оркестри или солистички во Австрија, Aлбанија, Србија, Словенија, Бугарија, Русија, САД, Индонезија и др.
Исто така, три пати настапувал како солист со Македонската Филхармонија и оркестарот на Македонската опера и балет.
Елена Атанасовска-Ивановска, родена во Скопје, 1981 година. Основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Лепа Мрмевска. Дипломира со највисока оцена CUM LAUDE на Факултеттот за музичк¬а уметност во Скопје во класата на проф. Борис Романов. Во 2005 година завршува постдипломски студии во класата на истиот професор. Во текот на музичкото образование се здобива со награди на државни и меѓународни натпревари. Повеќе први, втори и трети награди на републичко ниво, I награда на меѓународниот натпревар „Златен Лист“ во категорија на дуо состав во Сан Бартоломео, Италија (1996), II награда на истиот натпревар во категорија соло пијано (1996), II награда на натпреварот „Музиката и земјата“ во категорија на камерни состави, Софија, Р. Бугарија (1996), III награда на Шопеновиот натпревар во Нови Сад, Србија и Црна Гора (1997).
Во 1997 год. учествува на летниот музички семинар „Нови имиња“ во Суздаљ, Русија, каде што има забележителен настап на концертот на најуспешни семинаристи.
Во 2003 година добива награда за најдобар студент од фондацијата „Франк Манинг“.
Елена Атанасовска-Ивановска е редовен учесник на семинарите на проф. Борис Романов во Охрид – „Охридско Лето“ и Белград. Неколкупати настапува со Македонската Филхармонија, камерниот оркестар на Музичката Младина на Македонија, концерти во рамките на Охридско и Скопско Лето, рецитали и концерти како пијано соработник во земјава, Грција, Република Србија, Бугарија, Шпанија, Португалија, САД, Босна и Херцеговина, Косово.
Во моментов работи како уметнички соработник на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а воедно е во подготовка нејзината докторска дисертација.