Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вечерва (среда, 15 мај) ќе биде дел од програмата „Литературна ноќ” што ја организираат европски културни центри и институти кои имаат свое седиште во бугарската престолнина.
Програмата ќе опфати читања на дела од познати писатели од Европа, кои оваа година се преведени и објавени на бугарски јазик. „Литературната ноќ“ ќе се одржува од 18 до 22 часот истовремено на 12 места во Софија и во уште десет други градови на Бугарија.
Република Македонија преку својот Културно-информативен центар годинава е дел и од организацискиот одбор на овој голем литературен настан и ќе биде претставена со стихови од книгата „Митологија на сонот” од академик Влада Урошевиќ, која деновиве излезе од печат на бугарски јазик.
КИЦ на Република Македонија ќе го претстави својот автор на „Литературната ноќ“ во арт-клубот „Дада“, култно место во центарот на Софија. Стихови од Урошевиќ на бугарски јазик ќе интерпретира актерот Иван Калошев, со музичка придружба од Сара Костадиновска на харфа и Ива Христовска на гитара.
На 11 други локации низ Софија на овој настан ќе учествуваат и ќе се претстават Британскиот совет, Институтот „Гете“, Европската комисија во Софија, Полскиот институт, Францускиот институт, Чешкиот центар и Културно-информативниот центар на Руската Федерација во Софија.
Во организацискиот одбор на оваа голема литературна манифестација член е директорот на нашиот центар во Софија, Васко Шутаров, а на рекламниот материјал Република Македонија е застапена со логото на Министерството за култура. Настанот има голема медиумска и интернет-поддршка во Бугарија.