Големата летна турнеја на ДНК која опфати повеќе македонски градови, завршува овој петок. Клуб Рингишпил во Скопје ќе биде домаќин на дуото кое со својот последен албум „Срце” освои огромен број срца низ државата.
Она што е битно да се напомене е дека, како и повеќето концерти досега, и последниот за ова лето во нивното Скопје ќе биде заедно со бендот кој ги следи на настапите. „Авион”, „Што сака нека биде”, „Таа тоа го крие”, „Она е од Шутка” овој викенд ќе се пеат во Скопје, а Панчо и Андреј најавуваат дека најдобрата журка ја чуваат за својот град.
„Нашето сакано Скопје, конечно! Го оставивме за крај, за последниот викенд пред почетокот на школската година со цел да се наполниме батериите со позитивна енергија пред неофицијалното завршување на летото. Концертната турнеја на ДНК завршува овој Петок, во Рингишпил. Должни сме од „Срце” да ви се заблагодариме за поддршката која ДНК ја добива постојано од своите фанови. Се гледаме таму!”, изјавија момците во пресрет на настапот, кој како што велат, со душа го очекувале цело лето.
Концертот на ДНК, придружувани од својот бенд, е закажан за петок(29 август 2014), со почеток од 00:30 часот во клуб Рингишпил.