Деца од целиот свет цртаа и твореа низ улиците на Крушево кои ги донесе Малиот Битолски Монмартр …
Градот на културата – Крушево се претвори во вистински центар на ликовната уметност. По крушевските сокаци, се среќаваа деца од целиот свет. Нив ги донесе Малиот Битолски Монмартр, кој годинава слави 33 години од своето постоење.
Кина, Индија, Русија, Турција, Украина се само дел од 17 земји од каде дојдоа 70-те млади таленти, кои инспирирани од убавините на Крушево и прекрасната градска архитектура, создадоа прекрасни ликовни дела. Нивните дела се изложија во Домот на култура во Крушево, каде се избраа трите најубави цртежи.
Присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Крушево Ѓорѓи Дамчески, кој рече: „Посебно ми е мило што вие како млади емисари, со вашите дела ќе бидете едни од најголемите промотори на нашиот град. Затоа Ви благодарам што не посетивте и искрено посакувам следната година да ни дојдете повторно, но во уште поголем број“.
Градот на културата и во следниот период продолжува со својата богата програмска понуда. Денешниот ден (вторник 27 мај) Градот на културата го посвети на театарската уметност.