Предавање на македонскиот уметник Јане Чаловски во Виена

Македонскиот уметник Јане Чаловски ќе одржи јавно предавање во културниот комплекс Museums Quartier, во Виена, Австрија.

Во рамки на предавањето Чаловски ќе се осврне на својата досегашна уметничка практика, а свое излагање ќе има и хрватскиот уметник Немања Цвијановиќ. По презентацијата на двајцата уметници ќе следи и отворена дискусија, чиј модератор ќе биде Волтер Седл (Walter Seidl) куратор на уметничката колекција на Erste Group. Случувањето ќе се одржи на 25. 02. 2014, во Ovalhalle, MuseumsQuartier, со почеток во 18.30 ч.

Инаку, гостувањето на Јане Чаловски на овој настан претставува дел и заокружување на неговиот резиденциски престој во рамки на програмата Artist in Residence во Quartier21, на покана на организаторите на меѓународниот проект и изложба Места на транзиција (Places of Transition) на кураторите Гулсен Бал и Волтер Седл.

Уметничката практика на Чаловски е насочена кон експериментални идеи често ситуирани во конкретна специфичност на нова културна и политичка географија адресирајќи ја нецеловитоста и недостигот од наративи и историја. Објектите, цртежите, видеата и инсталациите на Чаловски често произлегуваат од неговото континуирано искуство во различни интернационални контексти и биле изложувани интернационално на индивидуални и групни изложби како Tate Britain (Лондон), Музејот на современа уметност (Скопје), The European Kunsthalle (Колоњ), Contemporary Art Center (Вилнус), Konshallen Brandts (Оденс), Kronika (Битом), Philadelphia Museum of Art, The Drawing Center (Њујорк) и други места. Тој исто така изложувал и на Манифеста 3 (Љубљана, 2000) и Манифеста 7 (Болзано, 2008).

You May Also Like