Општина Битола со повеќе организирани активности од 16 до 22 септември ќе ја одбележи и реализира манифестацијата „Европска недела на мобилност“.
Од локалната самоуправа информираат дека распишани се конкурси за најдобра ликовна творба на тема „Битола вози велосипед“, најдобра фотографија на тема „Битола на велосипед“, а упатен е и јавен повик за учество на манифестацијата „Возење велосипед низ битолските улици“ која ќе се одржи на 22 септември.
– Денес истекува рокот за пријавување на велосипедисти професионалци и рекреативци кои ќе сакаат да се вклучат во манифестацијата „Возење велосипед низ битолските улици“. Тоа е одлична можност да се мине барем еден ден без автомобил, но и да се упати порака дека автомобилите треба да се користат одговорно со избирање на „паметен“ начин на транспорт односно да се користат предностите на современиот урбан начин на живеење но и да се води сметка за животната средина. Паралелно се одвива и ликовниот конкурс наменет за учениците од основните училишта кои ќе имаат задача да понудат ликовна творба на тема „Битола вози велосипед“ и која ќе ја изработат во формат и техника на изразување што сами ќе ја изберат. Рокот за испраќање на ликвоните творби завршува на 15 септември, а на 22 септември ќе биде приредена голема изложба, информираат од општина Битола.
Годинешната манифестација „Европска недела на мобилност“ ќе протече и низ заедничката акција на општина Битола и Фото кино клуб-Битола насловена како „Битола на велосипед“.
Во рамките на оваа манифестација предвидено е да се собираат дигитални црно-бели и колор фотографии кои ќе ги изработат аматери или професионалци, а најдобрите трудови и наградените фотографии ќе бидат изложени на 20 септември во фоајето на НУ Центар за култура-Битола.