Еврејската заедница во Rепублика Македонија од 10 – 12 март 2013 година со повеќе активности ќе ја одбележи 70 годишнината од Холокаустот на 7144 македонски Евреи.
По тој повод на организираните комеморативни настани ќе присуствуваат видни гости од земјава и странство, претставници на Владата на Република Македонија, дипломатскиот кор и верските лидери, како и граѓани на Македонија. Во рамките на комеморацијата оваа година се предвидуваат активности во Скопје, Битола и Штип.
На 11 март, по програмата, во 13:30 на Приемот во Градското собрание, Претседателот на Евро-азискиот еврејски конгрес Вадим Шулман ќе ѝ подари на синагогата Бет Јаков еден свиток на Тора. Тората ќе се чува заедно со другите свитоци на Тора во Арон-хакодеш во синагогата.
————————–
На 11 март 1943 година, Евреите од Скопје, Битола и Штип биле собрани од своите домови, донесени во скопскиот Монопол за потоа да бидат однесени во логорот на смрттa Треблинка.
7144 македонски Евреи, 98% од вкупното еврејско население во Република Македонија,беа убиени веднаш по пристигнувањето во Треблинка. Со прeвземените активности по повод комеморацијата, наследниците, оние 2% преживеани Евреи се сеќаваат на своите предци кои некогаш живееле во еврејските маала во Скопје, Битола и Штип со цел на на младите генерации да им се овозможи да научат за страдањата од Втората светска војна, за холокаустот и опасноста од расната политика. Само така младите ќе можат да извлечат морална порака и на соодветен начин ќе се соочат со предизвиците на модерните времиња.
Вистина е дека разбирањето на Холокаустот на идните генерации зависи и ќе зависи од нашите заложби и соработката со институциите на оваа држава, за никогаш да не се повтори!