Перформанс за роденденот на „Свирачиња“

По повод годишнината од радио емисијата „Свирачиња“ на Канал 103, во понеделник (11 март, 2013), во клубот Менада со почеток во 21:00 часот, ќе биде одржан музичко – поетски – ликовен перформанс.

На овој настан ќе учествуваат поети и музичари кои веќе биле гости во радио емисијата Свирачиња, а домаќинот, Тома Димовски ќе слика во живо, на лице место. Настанот е замислен како интерактивен спој на поезијата со музиката и цртежот, со цел да допре убавиот пишан збор до пошироката публика.

“Сакаме да ги обединиме сите поети во единствена поетска сцена. Толку сме различни што секој може да најде нешто што ќе му се допадне. Убавината е во разноликоста“ –  вели Снежана Стојчевска, поет и водител на настанот.

Радио емисијата “Свирачиња“ оди во етер 4 години, со тоа што во последните 2 години  имаат учествувано околу педесетина автори со свои лични дела. Сето ова придонесува емисијата да добие друга димензија, при што е одлучено да се направи ребендирање, а кое име ќе стои зад оваа емисија ќе дознаете на самиот настан.

После настанот поетите продолжуваат во емисија во живо на музичкото радио Канал 103. Радио емисијата може да ја следите секој понеделник со почеток од 00:00 часот.

You May Also Like