Националната и Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” Скопје , за прв пат , под покровителство и поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, изложува дел од богатото ракописно книжно културно наследство во некоја Западно европска земја во случајов Кралството Белгија.Изложбата денеска (вторник, 9 октомври, 2012 година) ќе ја отвори министерката Елизабета Канчска Милевска и ќе трае се до 21 октомври.
Изложбата е подготвена од домашни експерти, Кралскиот Музеј Мариемон и Католичкиот универзитет Лувен – Белгија.
Националната библиотека „Св. Климент Охридски” Скопје во очи на отворањето на изложбата на 9.10.2012 година во Краскиот Музеј Мариемон во Брисел, пред еминентни познавачи и љубители на книжно културно наследство, го искажува нескриеното задоволство од соработката со белгиската страна околу организацијата и отстапениот простор за презентирање на нашето национално ракописно книжно културно наследство.
Упатуваме посебна благодарност до Валонија Брисел Интернационал и Кралскиот Музеј Мариемон за прифаќањето на насловот на изложбата „Словенски ракописи од Македонија од 13-19 век” предложен првично од наша страна, наслов кој е од особено значење за Република Македонија.
Овој наслов уште во првичните разговори беше предложен од нашите стручни лица кои работеа на подготовката на изложбата и кои во изминатиот период, за ракописното наследство откриено и создадено во Македонија издадоа томови книги во кои се опишани околу 450 ракописи од 13 до 19 век, насловени како „Словенски ракописи од Македонија” ( првите два тома се издадени во 1971 од еминентниот светски научник Владимир Мошин, а останатите 6 книги ги изготви нашиот специјалист за средновековна христијанска литература , д-р Михајло Георгиевски ).
Целта на изложбата е да се прикаже илјада годишната писмена традиција во Македонија преку ракописното книжно културно наследство. Со нескриено задоволство можеме да соопштиме дека оваа цел е постигната со презентирањето на 39 оригинални словенски ракописи од 13 до 19 век. Првите три века, односно од 10 -12 век не се покриени со оригинални ракописи, од практични причини, бидејќи овие оригинали се изнесени од Македонија и денес се наоѓаат во светски библиотеки и музеи во Ватикан, Москва, Сант Петербург, Манастирот Св. Катарина на Синај и тн.
Нивни факсимили, односно 5 глаголски и 5 кирилски ракописи се објавени во книгата „Македонски споменици со глаголско и кирилско писмо” во издание на Институтот за македонски јазик , во 2008 година во Скопје, од авторите д-р Илија Велев; д-р Лилјана Макариовска и д-р Емилија Црвенковска која ќе биде присутна на изложбата. Со тоа се заокружува илјада годишната писмена традиција во Македонија.