Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје го организира книжевниот портрет на бугарскиот поет Николај Шопов. Чествувањето ќе се одржи на 21 мај (среда) 2014 година со почеток во 19.00 часот.
За делото на Николај Шопов ќе зборува Санде Стојчевски а делови од неговата поезија ќе интерпретира актерот Томе Витанов.
Николај Шопов е современ бугарски писател. Дипломирал историја на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Автор е на повеќе поетски книги и застапуван е во антологиите на современата бугарска поезија. Преведуван е во Македонија, Русија, Србија, Молдавија, Албанија и Романија.
Николај Шопов е автор на повеќе истражувања и научни публикации од областа на историјата на културата, културологијата и менаџирањето во духовната сфера. Добитник е на наградите „Слав Караславов“ и „Македонски книжевен дедал“. Член е на Сојузот на бугарските писатели и претседател на Фондацијата „Републикански институт“. Шопов е активен учесник во соработката меѓу Сојузот на бугарските писатели и Друштвото на писателите на Македонија. На бугарски јазик превел книги од Ким Мехмети , Христо Крстевски, Митко Маџунков, Али Алиу, Филип Петровски и Разме Кумбаровски.