Македонскиот реномиран кларинетист Исмаил Лумановски со својот бенд “New York Gypsy All-Stars” и понатаму продолжува да ја освојува светската публика, овој пат со турнеја во Австралија.
Со својата оригиналност и прекрасниот талент кои Лумановски ги носи како лидер на овој интернационален бенд, успеа на оригинален начин да му ги претстави на Светот духот на прекрасната македонска изворна мелодија, балканскиот мелос, живоста на турските традиционални звуци и разиграноста на чилеанската музика со финеси од фанк и џез музиката.
Различни националности, различни религии, различни поднебја, на едно место, со една цел, да се покаже дека музиката не познава граници и табуа. Исмаил Лумановски-кларинет (Македонија), Тамер Пинарбаши-канун (Турција), Панајотис Андреу-бас гитара (Грција), Пабло Вергара-клавијатури (Чиле) и Енгин Ѓунајден-тапани (Турција), тоа е составот на бендот кој изминатава година помина илјадници километри низ светот свирејќи музика достојна за талентот, виртуозноста и оригиналноста која секој од овие уметници ги поседува.
Австралиската турнеја на “NYGAS” започна на 1 март со концерт на Интернационалниот “Gypsy Music Festival” во Сиднеј во познатиот клуб “The Basement” кој е обележје на австралиската музичка сцена уште од 1972 година. Уште од самите почетоци клубот бил отворен со цел да се создаде место каде ќе настапуваат само авангардни музичари со микс од стилови. Репер за современа музика, како за тоа време, така и сега. “Galapagos Duck”, Џони Грифин, Винс Џонс и Дизи Гилеспи, се само мал дел од познатите светски музички имиња кои настапиле на сцената на “The Basement”. Несомнено концертот на “New York Gypsy All-Stars” ќе остави уште еден оригинален печат во историјата на местото кое соединува само големи имиња.
Екцентричната импровизација и раскошната жанровска компилација во балканските и турски мелодии на овој интернационален бенд, австралиската публика ги слушнна и синоќа (3 март) во познатиот “Polish Club” во Канбера. Балканските звуци ќе го продолжат својот пат и во “The Thornbury Theatre”во Мелбурн.Оваа значајна турнеа ќе се заокружи со спектакуларен настап на Лумановски и “NYGAS” во познатиот “Caravan Club” во Мелбурн.
Лумановски заедно со “New York Gypsy All-Stars” речиси осум години на посебен начин ја пренесува музиката инспирирана од поднебјето на секој од членовите на овој бенд, како и од различните музички стилови создадени низ Светот. Како Македонец, Лумановски носи дел од нашата традиција во своето дело, во кое македонското “Касапско оро” го зазеде своето место во албумот “Romantech” кој откако излезе во етерот стигна на високите места на музичките ранг листи, а во Турција го достигна второто место после Мадона. Бендот во ова грандиозно парче музика го носи минатото во сегашноста како дијалог помеѓу традиционалното и современото.
Она што го прави Исмаил Лумановски голем музичар, уметник и лидер е тоа што со својот талент, мултикултурната музика, големата страст кон неа и создавање на истата, дава една многу искрена и важна порака, дека музиката не знае да дели боја, раса, националност и религија, музиката знае за душата, љубовта, енергијата, страста, убавината и целото како збир на сета нееднаквост,
односно еднаквост која постои меѓу секој од нас.
После оваа турнеја, бендот се враќа во Америка со настапи во познатиот клуб “Drom” и “Rockwood Stage 2” во Њујорк и во “Cedar Street Courtyard” во Остин, Тексас, за во април да ја започне турнејата во Европа.