Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, неодамна ја објави книгата „Лун Ји (мислења и беседи)“ на старокинескиот мислител и фолозоф Конфучиј. Изборот, преводот и коментарите се на Ленче Тосева, а преводот е извршен според руски изданија преведени од старокинески јазик.
„На петнаесет години кај мене се појави желбата за учење, на триесет јас веќе сам стоев, на четириесет немав никакви сомнежи, на педесет ја познавав Небесната волја, на шеесет знаев да разликувам прав¬да од неправда, на седумдесет можев да ги следам желбите на срцето без да отстапувам од правилата.“ Вака го опишал својот живот еден од најголемите мислители и мудреци на човечката цивилизација – Конфучиј. Неговото најпознато дело е „Лун Ји (мислења и беседи)“ – една од најголемите книги на мудриот ум.
Конфучиј (551 – 479 г. пр.н.е.) бил познат кинески филозоф, основач на конфучијанизмот. Наспроти медитативниот Лао Це и таоистичката филозофија дека „создавачката сила влегува во светот низ вратата на ништото“, Конфучиј се потпира на позитивните нешта и здравиот разум. Најважните дела на неговото учење се „Лун Ји (Мислења и беседи)“ и „Златна средина“.
Неговото име на кинески јазик значи Учител Кунг. Роден е во Чифу, во тогашната држава Лу (денешната провинција Шандунг). Неговиот татко бил војсководецот кој имал 66 години кога се родил Конфучиј. Кога починал татко му Конфучиј имал само три години, па самохраната мајка го одгледала во сиромаштија. Конфучиј работел како чиновник во државата Лу, како надзорник на царското богатство и како надзорник на магацинот со царската стока. Одредено време работел и како министер за правда, односно врховен судија на државата Лу. Функцијата министер ја напуштил поради несогласувања со владе¬телот. Во педесеттата година од животот, пора¬ди нови проблеми со царскиот двор, ја напуштил државната служба и патувал низ кинеските држави, подучувајќи ги обичните луѓе и владетелите. Во доцните години се вратил во државата Лу, каде продолжил со учителската работа.
Во Лун Ји Конфучиј вели дека тој е само пренесувач и толкувач на старите знаења. Се зафатил со реафирмација на старите општествени и морални вредности. Но тој не бил конзервативен учител, зашто низ своите толкувања на старите записи давал сопствени мислења за политиката и за моралот. Конфучијанската етика е строго рационална, јасна и бескомпромисна во поглед на разликите меѓу легалното и моралното. Неговата се заснова на три концепти: обреди (ли), праведност (ји) и човекољубие (жен). Според Конфучиј, суштината на секој човек е човеко¬љубието, односно жен. Човекољубието е материјална суштина на човечката должност и совесност кон другите. Единствено човекот кој се придржува кон човекољубието може правилно и целосно да ги извршува своите должности спрема другите („Не му го прави на другиот она што не сакаш да ти го прават тебе“). Најдобар и најморален човек е оној човек оној кој постапува од човекољубие, врз основа на праведноста. Обредите се очигледен израз на човекољубието – човекољубието не ги отфрла обредите, туку во нив наоѓа соодветен начин за да се искаже.