Кларинетистот Васко Дуковски со трет албум годинава

После двата успешни албума, македонскиот кларинетист Васко Дуковски, кој живее и работи во Њујорк, на 31 јули го објави и својот трет албум  насловен како “Anamorphosis”  заедно со ансамблот за современа музика “Талеа”.

Албумот содржи дела од познатиот италијански композитор Фаусто Ромители чија содржина претставува една невообичаена инструментална синтеза. Всушност во центарот на компонирањето на Фаусто Ромители лежи идејата преку инструментите да се доловат звуците кои произлегуваат од секојдневието, да се продре до физичките промени на секој еден предмет, растение, појава.

Со помош на електро-акустичните технологии Фаусто Ромители со своите дела дал една поинаква  перцепција на звучноста на природата. Ансамблот „Талеа“ како обожаватели на ваквиот поразличен музички свет и Васко Дуковски како музички талент без жанровски граници, создаваат еден прекрасен аудиозапис, “Anamorphosis”.
Овој ансамбл е познат по изведување на многу важни светски премиери на дела од познати композитори на современа музика. Со својата голема посветеност, виртуозност и луцидност во изведувањата на делата, ансаблот Талеа совршено и ја презентира модернистичката музика на светската публика.

Албумот е снимен во мултимедијалниот културен центар “EMPAC” кој го поттикнува развојот на авангардни уметници и композитори од 21 век, а издаден е во соработка со продуцентската куќа “Tzadik” од Њујорк.Комплетирањето на овој албум беше обележано со концерт на Васко Дуковски и ансабмлот „Талеа“ на кој истиот беше промовиран.

 

You May Also Like