Серијата камерни концерти на 51-вото издание на фестивалот „Охридско лето“ се заокружува со настап на атрактивниот германски квинтет „Алијаж“. Квинтетот „Алијаж“ се карактеризира со голема стилска разноводност, но и тенденција за стилските миксови- како на епохите, така и на изведувачките манири.
Вечерашниов концерт претставува ретка можност за сите вљубеници во звукот на саксофонот да слушнат четири саксофони со пијано во прекрасниот амбиент на црквата Света Софија. Концертот на квинтетот „Алијаж“ е реализиран со поддршка од Германската амбасада во Република Македонија.
– На наше големо задоволство, во црквата Света Софија вечерва ќе имаме несекојдневна можност да го чуеме квинтетот „Алијаж“, кој е еден од најкреативните и најуспешни ансамбли на саксофон во Европа. Особено ми е драго што уметниците ја прифатија понудата во репертоарот на вечерашниот концерт да вклучат и дело од македонскиот композитор Јана Андреевска. Сакам да изразам голема благодарност до Германската амбасада во Република Македонија за поддршката во реализацијата на овој концерт – ни изјави музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова Неделковска.
Даниел Готје, лидерот и основачот на овој ансамбл за вечерашниот настап на Охридско лето изјави:
– Многу сум среќен што сме за првпат во Македонија и на престижниот фестивал „Охридско лето“ и што вечерва и македонската публика ќе има можност да ужива во изведбата на прекрасните дела од Чајковски, Бах, Хачатурјан. Воедно, многу ни е драго што за првпат ќе изведеме и дело од македонски композитор, Јана Андреевска.
Нивниот репертоар е сочинет од познатите композиции од сите епохи,аранжирани со исклучително внимание и префинето чувство, само за овој квинтет „Годишните времиња“ од Вивалди, „Сонот на летната ноќ“ на Менделсон, „Шехерезада“ на Римски- Корсаков, „Кармен“ од Бизе, „Порги и Бес“ на Гершвин, како и многу оригинални дела за квартет саксофони.
Покрај успешните настапи на европските концертни подиуми, квинтетот Алијаж издаде неколку компакт дискови, меѓу нив и ,,Una voce poco fa“ за кој ја имаат добиено и наградата ECHO Klassik.
Вечерва во црквата Света Софија со почеток во 21:00 часот, германскиот квинтет ќе изведе дела од Чајковски, Римски- Корсаков, Глинка, Бах, Глиер, Љадов, Хачатурјан, Шостакович, Андреевска.