Фолтин вечерва со концерт во Хераклеа

Вечерва, најдоброто од Битола на Бит Фест. По повод 15 години од својот прв концерт, Фолтин вечерва (16 август 2011 година) со почеток во 21:00 часот, во Античкиот театар Хераклеа, со голем концерт.

Пред 15 години од прекрасната Хераклеја во Битола се слушна несекојдневна музика, која уште тогаш во 1996 најави почеток на нешто големо, на музичко име кое денес ги издигнува на ниво на најпозната, најзначајна и најактивна група во Македонија која потекнува од Битола. Спонтаноста е главна карактеристика  во нивната музика, така што спонтано се случи и нивниот концерт на БИТ ФЕСТ да биде точно на онаа дата кога беше и нивниот прв концерт во Битола. При креирањето на програмата на Битолското културно лето, Фолтин се двоумеа за избор помеѓу два датуми: 15 ти или 16 ти август.  Изборот беше направен, а со тоа БИТ ФЕСТ поддржува одбележување на уште еден голем јубилеј.

На 16 ти август 1996 година се случи првото концертно претставување на првиот албум на Фолтин, но со таа разлика што тогаш концертот не беше во Античкиот театар, туку на местото викано Царска Палата кое исто така се наоѓа во локалитетот Хераклеја.

Денес „Фолтин“ е нешто без што членовите на ова псевдо емигрантско кабаре не можат да живеат, а ентузијазмот и посветеноста им овозможуваат многу да напредуваат.

Фолтин во кратки црти е необичен состав, чија музика е тешко да се дефинира и секој обид да се вметне во некоја музичка категорија ќе биде осуден на неуспех (етно-панк, диско, итн). Музиката на Фолтин е надреална, старастна и жива, окарактеризирана е со жешка танцувачка атмосфера, која ја постигнуваат со брзите македонски ритми. Иако користат стандардни музички елементи, нивниот пристап во градењето на атмосферата е непредвидлив, и пред се оригинален. Во нивниот музички идентитет, англо-македонски хибрид, постои колизија помеѓу истокот и западот. Нивниот јазик е имагинарен микс или фонетска имитација на јазици како што се: Шпански, Француски, Португалски, Романски итн. таканаречен “Спонтан Есперанто”.

Фолтин себеси се опишуваат како псевдо-емигрантско кабаре, и често нивните концерти се претвораат во вистински перформанси. Но тоа не е воопшто чудно имајќи го предвид фактот дека работеле на музика за театарски претстави во кои ги користат “ready-made” инструментите или го креираат амбиентот со објекти од немузичка примарна функција, различни звучни конструкции, склуптури и инсталации.

Фолтин е една од најпознатите групи од Битола, Македонија Имаат учествувано во многу музички и театарски фестивали во Македонија, Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херецговина, Албанија, Бугарија, Франција, Унгарија и повеќепати се наградени за нивната работа.

Во вторник, со почеток во 21:00 часот, Псевдо емигрантското кабаре Електро Акустика (Фолтин) на 15 годишнината од нивниот прв концерт во Хераклеја ќе направат уште една незаборавна вечер за својата публика овозможувајќи и колаж од својот досегашен опус.

Специјални гости на концертот на Фолтин се Оливер Јосифовски од ,,Љубојна” кој е дел од првата постава на ,,Фолтин”, Сенко Велинов, Никола Коџобашија и Васко Бојаџиски и Владан Дробицки од ,,Сетстат”.

После концертот во Битола, дел од членовите на Фолтин заминуваат за Пула каде ќе работат на подготовка на театарска претстава, а во септември ,,Фолтин” ‘ќе гостува во Бејрут.

Во изминатиот период ,,Фолтин” издаде 5 албуми, а подготовките за новиот албум се на почеток.

You May Also Like