Катрин Денев е добитничката на специјалната награда „Златна камера 300“ и ексклузивната гостинка на Фестивалот „Браќа Манаки“ 2012. Наградата ќе и` биде доделена на отворањето на 33-тото издание на „Браќа Манаки“ – Битола.
На 16 септември во 11:00 часот во Големата сала во Центарот за култура во Битола, големата Катрин Денев ќе разговара со сите заинтересирани филмофили, новинари, студенти, филмски автори, на едночасовна отворена средба. Подоцна истиот ден, во терминот од 13:30 часот, во нејзина чест ќе биде прикажан филмот ПОСЛЕДНОТО МЕТРО, за кој ја има освоено наградата „Цезар“.
——————————————————
Денев е актерска појава која зрачи со интегритет во секоја остварена ролја. Родена е на 22 октомври во 1943 година во Париз, Франција, со име Катрин Фабиен Дорлеак. Својата препознатливост ја стекнува во улогите на загадочни и мистериозни убавици во филмовите „Одвратност“ на Роман Полански и „Убавицата на денот“ на Луис Буњуел. Исклучителната надворешна впечатливост ја надополнува со редица маестрални ролји во филмовите и на други големи режисерски имиња, Франсоа Озон (8 Жени, Украс), Режис Варние (Индокина, Исток/Запад), Франсоа Трифо (Последното метро), Роже Вадим (Порок и доблест), Роберт Олдрич (Измама), Жан-Пол Рапно (Дивјак), Ларс фон Трир (Танчер во мракот), а наскоро ќе се појави и во четвртиот дел од блокбастер-хитот „Астерикс и Обеликс“.
Веројатно најпопуларната француска актерка на сите времиња, освен во бројни европски филмови, играла и во холивудски проекти од кои најпознат е култниот класик „Глад“ на Тони Скот од 1983, во кој глуми заедно со Дејвид Боуви и Сузан Сарандон. Номинацијата за „Оскар“ ја доби во 1993 година за „Индокина“.
Освен како потврдена актерка, Денев го привлекува интересот на јавноста и со бројни други активности. Таа е дел од многу хуманитарни настани, активна е во заштитата на деца и сирачиња, а дел е и од проектот „Репортери без граници“.
Од 1994 до 2003 беше амбасадор на УНЕСКО за зачувување на филмското наследство.
Во 2005 го објави својот дневник „Во сопствената сенка“, каде ги пренесува спомените и го опишува искуството од снимањето филмови со Берт Рејнолдс, Џек Лемон, Вилијам Харт, Џон Малкович, Ален Делон, Жерар Депардје, Винсент Перес, Марчело Мастројани.
Како заштитно лице на парфемот Шанел 5 во доцните 70-ти ја зголемила продажбата до таа мера, што американските новинари фасцинирани од нејзиниот шарм предложиле таа да биде прогласена за најелегантната жена на светот.
Беше муза на модниот дизајнер Ив Сен Лорен, чии модели ги носеше во многу филмови. А и самата дизајнира очила, чевли, накит.
Течно говори француски, италијански и англиски, а се користи и со германскиот. Има две деца, има син со режисерот Роже Вадим и ќерка со познатиот италијански актер Марчело Мастројани.