Канческа-Милевска во службена посета на Турција

Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска утре (петок, 21 декември) ќе биде во посета на Република Турција, при што во Истанбул ќе оствари билатерална средба со министерот за култура и туризам, Ертугрул Гунај.

Во рамките на средбата, министрите ќе разговараат за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји, а ќе ја потпишат и Програмата за културна соработка за периодот 2013-2015 година. Предвидено е да се потпише и Договорот меѓу турската и македонската влада за основање и за активностите на културнитe центри во двете земји, со кој на Република Македонија ѝ се дава простор во срцето на Истанбул, на улицата „Таксим“, објект кој е заштитен споменик на културата, а Турскиот културен центар ќе функционира во „Куршумли ан“, кој ќе биде комплентно конзервиран и реставриран од страна на Република Турција.

Со отворањето на овие два културни центри ќе продолжи соработката меѓу двете земји, но ќе се отворат и нови можности за презентација и размена на културни содржини. Во Договорот е прецизирана и можноста Република Македонија да користи и други културни објекти во Турција кои се под ингеренции на Министерството за култура на оваа земја.

Во рамките на службената посета на Турција, утре на универзитетот „Малтепе“ во Истанбул Канческа-Милевска ќе присуствува и ќе се обрати на отворањето на првото издание на книжевниот фестивал посветен на хероите од романите.

На фестивалот, кој е во организација на Министерството за култура и туризам на Турција, најавено е присуството на повеќе министри за култура од регионот.

 

You May Also Like